10 нешта кои интернетот ги испрати во минатото

Повеќе... Покрај многуте позитивни нешта кои ни ги донесе интернетот, полека но сигурно се губи приватноста, дружењето се сведува на чет, не се возбудуваме на слаткото исчекување на повратната информација, а и памтењето ни стана мрзливо… Што е следно?


internetaddicts.jpgПокрај многуте позитивни нешта кои ни ги донесе интернетот, полека но сигурно се губи приватноста, дружењето се сведува на чет, не се возбудуваме на слаткото исчекување на повратната информација, а и памтењето ни стана мрзливо… Што е следно?

Копањето по старите, правливи книги за да се дојде до некој податок, што порано знаеше да трае со часови, па дури и со денови, интернетот го сведе на еден магичен клик со маусот. Но како што ни во бајките не мирисаат само ружи, туку од шумата секогаш демне и некој волк, така и интернетот се почесто се спомнува со предупредувачко нишање на показалецот.

Еве само една од потенцијалните „црни листи“ на 10 нешта кои интернетот е на пат да ги направи само дел од едно далечно минато.

1. Пристојно несогласување
Доволно е да се отворат коментарите на која била статија на онлајн издание на некое списание/форум/блог и ете ви ги најнавредливите изрази на несогласување. Се чини дека е најлесно да се плука по сите од безбедноста на анонимноста во својата соба чепкајќи со едниот прст во носот, а со другиот типкајќи по тастатурата. Најлошата санкција во таквите случаи е ажурниот администратор да ви го избрише постот, ако и самиот не е зафатен со чепкање т.е типкање по тастатурата.

2. Испраќање писма
Со појавата на e-mail-овите и SMS пораките класичните писма отидоа во заборав. За среќа, сè уште преовладува мислањето дека поканите за свадба или израз на сочувство по повод нечија смрт е непристојно да се пратат по електронски пат, но колку долго ќе важи ова правило останува да видиме.

3. Музички продавници
Иако порано со гордост се собирале на полиците колекциите од оригинални плочи, касети, а подоцна и цедеа, денеска речиси не фаќа срам при влегувањето во CD shop во кој имаме намера да купиме оригинал бидејќи изгледа како лудост да се даде повеќе од 1.000 денари за новиот албум од омилениот издавач кога можеме благодарејќи на интернетот да го имаме истиот за џабе. Но сепак, тој омот, текстовите, почитта спрема омилената ѕвезда…

4. Слабење на меморијата
Изгледа дека и нашиот мозок станал помрзлив со појавата на интернетот, па често се прашуваме зошто воопшто да ги памтиме сите тие податоци до кои многу лесно можеме да дојдеме само ако го „изгугламе“ бараниот поим. Но, што ќе се случи оној ден кога ќе заборавиме што воопшто сме сакале да „изгугламе“? Веројатно тогаш ќе ни биде од помош некоја пилула од гинко, освен ако не заборавиме да ја испиеме навреме…

5. Фотоалбуми
Со појавата на Facebook и другите социјални мрежи на кои можеме да ставаме фотографии, сè помалку сме склони кон тоа да развиваме фотографии и да ги ставаме во класични албуми. Ионака сите станавме како Јапонците, па никаде не одиме без фотоапарат, барем оној на мобилниот, а развивањето на сите тие слики би не чинело цело богатство. Така, порадо ги лепиме по Фејсот, но кој се има пристап до нив и не  сме баш сигурни.

6. Губење на приватноста
На спомнатите социјални мрежи често оставаме повеќе податоци за себе отколку што тајните служби би можеле да ги соберат со долгогодишно шпиунирање… Затоа можеме да се тешиме со фактот дека кога еднаш самите ќе си ја откриеме целата валкана долна облека, другите повеќе нема да имаат со што да не уценуваат.

7. Авторитетот на докторите
Со еден клик со маусот можеме на некоја страница посветена на здравјето да ја провериме дијагнозата која ни ја поставил докторот бидејќи на крајот на краиштата, нели пребрзо не шитна од ординацијата, а не не ислуша внимателно до крај што имаме да му кажеме? Што ќе ни е па неговото мислење кога на интернет сè убаво си пишува…

8. Заедничко гледање телевизија
Порано целото семејство, комшиите и пријателите се собираа околу телевизорот за да ги гледаат филмовите и сериите. Некои се сеќаваат како згодите и незгодите на Блејк Карингтон, Кристал и Алексис и останатите протагонисти од серијата „Династија“ во текот на осумдесетите го држеа приковани за малите екрани целото многубројно семејство. И денеска веројатно е возможно да се доживеат вакви ситуации, но сурфањето на интернет, што е прилично самодоволна активност, го краде нашето време кое сме можеле да го споделиме со блиските луѓе, па макар и пред ТВ.

9. Неправење ништо
Кога последен пат сте гледале низ прозор или сте поминале време без да правите ништо важно. Денес постојано сме во потрага по нешто, се плашиме дека ќе ни помине незабележана некоја важна вест, па постојано ги проверуваме вестите на порталите, проверуваме да не сме добиле некој важен мејл или кој сè е онлајн… бидејќи, нели, кај би не одвело сето тоа гледање низ прозорец во зелените крошни од дрвјата?!

10. Губиток на слаткото исчекување
И на крај, наместо заклучок, неизбежно е да помислиме дека благодарејќи на интернетот денес информациите патуваат побрзо од кога било до сега, но со тоа сме изгубиле нешто и од она слатко исчекување. Едноставно сè сакаме веднаш и сега, или уште подобро – вчера.

- Реклама -