Состојките што се кријат во различните видови на подготовка и преливи, неправедно ги сместуваат пуканките во забранетите јадења. Иако се најздрави оние кои се подготвени без засилувачи на вкусот како што е солот, ви откриваме со кои додатоци не мора да ја жртвувате желбата за слатки и лути пуканки.
Пуканките направени на силен оган и со неколку капки зејтин се најздрави. Додатоците со кои може да го засилиме нивниот вкус се додаваат откако ќе бидат готови и го заменуваат солот и другите засилувачи на вкус кои се опасни сојузници во дебелеењето.
1.Чили за љубителите на луто
Откако ќе бидат готови, наросете врз пуканките малку чили во прав. Овој зачин ќе ви го „испече“ јазикот, но се исплати ако знаеме дека чилито го забрзува метаболизмот и ги согорува мастите.
2.Маслиново масло со додатоци
Две лажици маслиново масло помешајте со 1/4 лажичка лук во прав и малку сушен босилок. Овој микс е идеален за сите љубители на медитеранската кујна.
3.Сладок дует на цимет и шеќер
Супер замена за белиот рафиниран шеќер е оној од кокос кој содржи двојно повеќе железо и четири пати повеќе магнезиум и затоа не зачудува тоа што овој прелив за пуканки го носи предзнакот здрав. Измешајте две лажици кокосов шеќер со 1/4 лажица цимет. Посипете врз пуканките и уживајте.
4.Темно чоколадо и бадемово млеко
Ако сте љубители на благото овој спој би требало да ги задоволи вашите желби. Помешајте темно чоколадо кое во себе содржи најмалку 70 отсто какао со 4 лажици бадемово млеко и стопете ги на пареа. Кога смесата ќе се олади на собна температура прелијте ја преку пуканките.