Докторите во Америка успешно излекуваа дете родено со ХИВ со третман со стандардни лекови, тврдат научниците од САД. Ова е прво такво „функционолано“ излекување, а не целосно, на дете со вирус во историјата на човештвото.
Лекарите му дале на девојчето родено во рурална средина коктел од три вообичаени, широко достапни лекови за борба против ХИВ вирусот само 30 часа по раѓањето.
Терапијата продолжила, а судејќи по сѐ, вирусот е исфрлен од крвта на девојчето пред да успее да формира „резервоари“ во нејзиното тело.
На детето, кое сега има две ипол години, не му се потребни лекови против ХИВ и лекарите веруваат дека ќе има нормален живот.
„Сега, по речиси една година без земање лекови, во крвта на детето го нема вирусот дури и по спроведување на некои од најдеталните тестови кои ни се достапни“, изјавила докторката Хана Геј, која се грижела за детето.
„Очекуваме дека ќе има одлични шанси за долг и здрав живот. Искрено се надеваме дека овој пристап ќе доведе до лекување и на други бебиња кои се изложени на голем ризик“.
Соопштението за овој случај го издала британската организација Terrence Higgins Trust:
„Ова е многу интересно, но ќе биде потребно долгорочно набљудување на пациентите за да ги разбереме сите импликации како и секој потенцијал кој може да им помогне на другите бебиња родени со вирусот ХИВ. Во Велика Британија веќе постојат програми за скенирање на вирусот кај бебињата, што значи дека многу малку бебиња се раѓаат со ХИВ. Трудниците со ХИВ добиваат анти ХИВ третман во текот на бременоста што во комбинација со царски рез и избегнување на доење значи дека бебињата имаат 98 отсто шанси да бидат негативни на овој вирус. Меѓутоа, ова откритие може да биде важно кога ќе се открие дека мајката има ХИВ во текот на породувањето, а не во бременоста“.