После целодневното возење, надвор од валканите стакла на џипот, како мракот да го имаше проголтано овој свет. Во џунглата после самракот, на земјата, не оставила дури ни сенка. Конгоанскиот град Буниа, во која пристигнавме под превезот на ноќта, е тешко да се опише. Дури и по неколку дена престој во него не можев да одгатнам каде почнува и каде завршува, колку жители има, или дали постои ништо друго освен неколку уништени колонијални куќи. Ова е еден од најнеистражуваните градови на земјата поради огромната прашума Итури, домот на Пигмеите, малите шумски луѓе.
Видливата инфраструктура на оваа „метропола“ вклучува мали калдрми и скромни колиби во кои под свеќи се продаваат картички за мобилен, сапун, цигари на парче и неколку шарени запалки, сето она што речиси ретко кој од граѓаните го поседува.
Најзначајниот дел на градот претставува калливата кртосница и рампата на неа, долга дрвена прачка со заврзан камен на крајот. Оние ретки преполни возила кои поминуваат, мораат да застанат пред неа и да платат надомест за одржувањето на патот, главен и единствен од овде до 2000 километри оддалечениот Киншаса, на кој нема ниту еден милиметар асвалт.
Ова е рампата до центарот на светот. Сè што е важно се случува на оваа раскрсница. Десетици војници со пушки се излежуваат на обраснатиот трем. Стотици жени во легени продаваат корени, клубени и кори. Илјадници мали правливи и голи деца нетрпеливо се плеткаат околку натоварените камиони и како муви излетуваат пред автомобилите обидувајќи се да извлечат од минувачот било што.
Тука започнува нашето патување низ Итури. Го чекаме Салваторе, преведувач и лудак кој прифати да не однесе во оваа дивина. Нашиот Мистер Но, легендарниот стрип авантурист, впрочем низок, дебелкаст црнец.
Додека патуваме низ „шумата од кал“ често сме придружени од бескрајна колона „туркачи на велосипеди“. На секој чекор, како мравки чекорат низ дивината на источен Конго. Слаби, во партали, со поглед излуден од исцрпеност, ги туркаат велосипедите кои речиси и да не се гледаат под тежината на разните стоки, живи кози, вреќи брашно, нафта, кинески алишта, муниција и пакети Кока-Кола. Ретко која држава до толку несреќно пропаднала и толку очигледно назадувала и пропаѓала во рушевините како Конго.
Будење на идејата за човековите права
Го напуштаме ова место на кое владее какво-такво преживување, и полека навлегуваме во прашумата. Длабоко во сенката на џунглата, срамежливи, тивки, претпазливи и збунети клечат малите ловци – Пигмеи. Набљудуваат како низ нивното парче свет на велосипеди минуваат алуминиумски садови, цигари кои ги привлекуваат, дрвен јаглен и месо од диви животни…
Токму на ова место пред илјада години се наоѓале нивните дождовни шуми. Сега тука се наоѓаат и полиња кои ги обработуваат припадниците на други Банту племиња. И додека целата Африка постепено започнува да се развива и буди со идеи за човекови права, за Пигмеите ова се денови на слобода. Тоа значи дека сега може да им одземат буквално се. Нивните ловечки патишта ги одведоа во пропаст.
Избркани од своите шумски домови и принудени на “социјализација”, од која не добија ништо, а изгубија сè. Облечени во партали одамна испратени како некоја хуманитарна помош. Им забранија да ловат, а не им дадоа храна. Не им е дозволено да одат на училиште, ниту пак имаат здравствена заштита. Немаат ниту државјанство од државата во која живеат, ниту пак било каков личен документ. Дури ниту нивниот речник не е доволен за да ја објаснат сета таа мизерија во која одамна се завиени.
Салваторе не запозна со поглавицата Тамбера, малечок старец за кој беше тешко да се поверува дека е легендарен ловец, потомок на храбрите мали луѓе кои со столетија владееле со оваа прашума. После краткото преговарање со него, бидејќи било каква пара за нив претставува огромно богатство, одлучија да не одведат во лов на мајмуни.
Посебна гозба
Дури сега успеавме да ја видиме вистинската големина на Тамбера. „Џунглата нема милост кон оние кои грешат. Ловецот мора да биде трпелив и да биде свесен дека во секој момент и тој самиот претставува нечиј плен“, ни ги преведуваше Салваторе зборовите на поглавицата. „Тивко, и пушти го тоа“, покажувајќи кон мојот „Никон“, „зарем тоа е поважно од вечерата? И чекај, исто како и нас останатите, или врати си се во селото“, мрмореше старецот сокриен во темнината на праисториската африканска густина. Иако беше зора, зелениот таван и ѕидови на џунглата која не проголтуваше се подлабоко, не ми дозволуваше да го видам ниту најблиското до себе. Се слушаа само крикови и стрели како го сечат густиот и влажен воздух. А потоа, тишина. Звукот на џунглата кој предупредува.
Широката насмевка на лицето на ловецот кој прв се врати не беше предизвикан поради успех. Ни се смееше нам, на себе и на оној мајмун кој требаше да биде наша денешна гозба.
„Денес ќе јадеме трева бидејќи си премногу спор“, ја одреди дијагнозата на неуспехот. Сега веќе сите се смееја. И така го продолжија двочасовниот пат назад кон селото. Мојот еден чекор како нивни два. Мојата рака како нивната нога. Највисокиот маж нема повеќе од метар ипол. Четириесет килограми. Жените се околку дваесет сантиметри пониски.
Тапаните чукаа до доцна вечерта. Мажите ни ги покажуваа нивните лакови и стрели. Поглавицата ни ги подари неговите. Вистинска африканска идила, изворна и посебна по својата едноставност.
Краток животен век
Освен луѓето, со Пигмеите си поиграла и природата. Освен нискиот раст, тие имаат и најкраток животен век, во кој ретко кој успева да надживее 50 години. Но, и тие на некој начин успеале да си поиграат со неа. Неодамнешните истражувања покажаа дека од сите народи во светот, токму Пигмеите најмногу се смеат.