Новата генерација на RAV4 нуди нов дизајн во екстериерот и ентериерот, повеќе внатрешен простор, подобрена удобност и товарен волумен.
Новата генерација на Toyota RAV4 е за 20 сантиметри подолга, за 3 cm поширокa и за 2.5 cm пониска од својот претходник, а обемот на багажниот простор е зголемен до импресивни 547 литри.
-Toyota е мошне горда што беше зачетник во создавањето на сегментот на компактни SUV изданија, со лансирање на првото „рекреативно активно возило“ со погон на сите четири тркала (Recreational Active Vehicle – RAV 4) во 1994 година. Достапен во преку 150 земји во светот, RAV4 во текот на својата историја, со досегашните три генерации, продаден е во повеќе од 4,5 милиони примероци, од кои 1,2 милиони во Европа, истакна Ана Димевска, одговорната за контакти со јавност и маркетинг во Тојота Автоцентар, на почетокот на средбата со новинарите и гостите на претставувањето на новиот модел.
-Потполно новата надворешност е комбинација од софистицирани и елегантни елементи на новиот Тојотин дизајнерски јазик и мускулест имиџ, кој и се очекува од возилата со погон на четири тркала. Новото лице е спој на оригинални линии, каде доминира новата маска и фарови со LED дневни светла. Посебен дизајнерски ефект со себе донесува големата трапезоидна маска, која со еден дел навлегува долу во предниот браник, а со другиот се протегнува меѓу новите фарови. Гледано од профил, новиот RAV4 ги наследува високите бочни панели и препознатливата силуета, што беше заштитен знак и на претходните Тојотини компактни SUV изданија. Украсена со интегриран спојлер на покривот, новата задна петта врата се отвора сега нагоре, а го нема и резервното тркало, со што е далеку подобрена аеродинамичноста, дополни Димевска, која истакна дека модерниот стајлинг од екстериорот се пренесува во ентериерот, каде ве очекува иновативна внатрешност со висок квалитет. Хоризонталниот дизајн на контролната табла ја нагласува моќта, а секако пленат висококвалитетните употребени материјали и меки панели. Употребата на кожа на контролната табла само го потврдува високиот степен на завршната обработка. Сите иструменти се осветлени со нова бистра сина боја. Сепак, смета Димевска, најголемиот адут на оваа генерација се комфорот и пространоста, а подобрена е и видливоста. Одалеченоста меѓу предните и задните седишта е 970 mm, што е најмногу во класата. Благодарејќи на easy flat системот RAV4 и натаму е практичен, флексибилен и комфорен како што очекуваат клиентите на SUV моделите.
Во агрегатската понуда на новата генерација RAV4 се три мотори. Еден бензински агрегат со зафатнина од 2,0 литри и моќност од 150 коњски сили, и два дизелски агрегат – еден 2,0 литарски со моќност од 124 коњски сили и 2.2 D4-D со 150 КЅ. Кај сите мотори е остварено намалување на емисијата на штетни гасови, во просек за 12%. Она што треба да се спомене е што во верзијата со 2,0 литарски дизел со погон на предните тркала има Тојотина Stop & Start технологија ја намалува емисијата на СО2 на 127 g/km.
Новиот RAV4 има реконструирано предно и задно потпирање, подобрен систем на електрично серво управување, нов интегриран динамички погонски состав и потолно нов Sport режим на управување. Заедно овие подобрувања овозможуваат поголемна стабилност и агилност, како на влажни и на суви патишта. Вграден како стандардна опрема кај моделите со автоматскои менувач и се разбира како опција кај другите изведби, новина е составот за спуштање и возење на нагорнина. Истиот, автоматски го избира преносот и ја контролира брзината и индивидуално сопира. Подобрени се и системот за контрола на стабилноста (VSC) и електронското серво управување (EPS). Од новите елементи на пасивната и активната безбедност треба да се истакнат: автоматските долги светла, составот за предупредување за напуштање на лентата и мониторот за мртов агол.
Цените започнуваат од 26.990 евра за дволитарскиот бензинец со основно ниво на опрема и се искачуваат до 37.990 евра за 2.2-литарскиот дизел со погон на сите четири тркала и највисокото ниво на опрема.
Текстот е објавен во соработка со Авто Плус.