Со одлука на жирито, моделот на шпанската компанија, третата генерација на Leon, се закити со признанието Автомобил на годината во Македонија за 2013, што претставува трета титула за Seat во досегашните 18 избори, по онаа на првото поколение на „лавот“ и Altea.
За да се најде на самиот трон, во предвид, како што потенцираат шестмината членови на жирито, не беа земени само оценките од критериумите и подкритериумите, бидејќи борбата за титулата беше неизвесна до самиот крај. Имено, според анализите сите осумина финалисти во годинашниов избор: Dacia Lodgy, Great Wall Hover H5, Kia Optima, Mercedes A класа, Mitsubishi Outlander, Peugeot 301, Seat Leon и Honda Civic, беа многу близу до блескавото признание, па одлучуваа нијанси. Како и да е, сепак тасот превагна на страната на шпанскиот претставник, па така ќе остане забележано дека освојувач на титулата за 2013 година е Seat Leon.
Беше тешко да се избере најдобриот меѓу овие реално извонредни автомобилски креации, сите крајно дизајнерски привлечни, удобни и комфорни, естетски дотерани, економични и еколошки прифатливи, со највисоки оценки за својата безбедност и сигурност, но и овој пат можеби своја улога одигра фактот што Leon навистина донесува некои новини во сегментот каде припаѓа. Сосем нови ветришта во еден нов сегмент, компакти за специфични пазари, со себе донесува и моделот Peugeot 301, па жирито сметаше дека поради ова возилото заслужува специјална награда за адекватност на македонскиот пазар. На крајот веќе неколку години по ред се доделува и признанието „SUV на годината“, а оваа година ова признание му припадна на новиот Mitsubishi Outlander.
Годинешниот избор на автомобил на годината се одржува 18-ти пат, а досега оваа титула кај нас ја понеле: Fiat Bravo/Brava (1996); Renault Megane (1997); Opel Astra (1998); Škoda Octavia (1999); Fiat Punto (2000); Seat Leon (2001); Toyota Corolla (2002); Mazda6 (2003); Mazda3 (2004); Seat Altea (2005); Volkswagen Passat (2006); Opel Corsa (2007); Kia Cee’d (2008); Volkswagen Golf (2009); Opel Astra (2010); Hyundai ix35 (2011); Kia Rio (2012) и Seat Leon (2013).
Текстот е објавен во соработка со Авто Плус.