Научниците објавија дека ги пронашле првите делови од метеорот по чија експлозија во Русија во петокот беа повредени илјадници луѓе, а по спасувачките екипи регионот Чељабинск го окупираа „ловци на метеори“ кои планираат добро да наплатат сѐ што ќе најдат.
Даночните обврзници во Русија метеорскиот удар ќе ги чини најмалку 25 милиони евра, но затоа на некои им се отвори прилика да заработат – се шпекулира дека секој грам од „вселенската карпа“ може да се продаде за 2000 евра, односно 40 пати повеќе од грам злато.
„Тешко е точно да се одреди цената, но што помалку делови се пронајдат, тоа повеќе ќе заработат тие што ќе имаат среќа“, рекол Дмитриј Качкалин од руското Друштво на љубители на метероити.
Дупка во езеро за која се тврди дека е направена од метеорот
По наредба на претседателот Владимир Путин теренот го чешлаат 20 000 луѓе, за да се исчисти стаклото и да вградат нови прозори на повеќе од 3000 објекти.
Сепак, странските агенции јавуваат дека меѓу нив има и многу модерни „ловци на злато“ кои имаат само една цел – да пронајдат црни каменчиња со пречник од еден сантиметар. Тука се и ентузијастите, кои имаат намера со себе да понесат „дел од историјата“.
Последици од експлозијата
„Ќе го задржам, ни претходно не сум била богата, па зошто сега да го менувам тоа“, рекла една жена која барала во снегот дел од метеорот.
Набрзо по експлозијата во петокот се појавија и првите огласи, а „ценовниците“ се различни – од 40, па до неколку илјади долари. Секако, никој не може да ја потврди автентичноста на тие предмети.