Јужна Кореја со роботски затворски чувари

роботи чувариВо обид да стане светски лидер во роботика, Јужна Кореја се подготвува да воведе нов тип на робот во секојдневна употреба – затворски чувар. Во склоп на проект спонзориран од Министерството за Правда, првични тестови со роботите ќе бидат одржани во тек на еден месец во затвор во градот Поханг, југоисточно од Сеул.


Роботите се дизајнирани да патролираат низ ходниците на корективните институции, набљудувајќи ги условите во келиите. Ако забележат ненадејна или необична активност како насилно однесување ќе ги известат човечките чувари. „За разлика од CCTV системите кои само ги набљудуваат келиите преку камери и монитори, роботите се програмирани да анализираат различни активности кај затворениците и да идентификуваат абнормално однесување“ објаснил професорот Ли Баик-Чул од Кјонаги Универзитетот, кој е задолжен за проектот вреден една милијарда вони (863.000 долари).

Роботите исто така можат да послужат и како комуникациска мрежа кога затворениците сакаат да контактираат со чуварите во итен случај. Според господинот Ли, затворските чувари ја пречекале идејата со ентузијазам бидејќи роботите потенцијално ќе им ја олеснат работата, особено навечер. А реакцијата на затворениците? „Тоа е една грижа. Но роботите не се терминатори. Нивната работа не е дисциплинирање на насилни затвореници.
 
Тие се помошници. Кога затвореник би бил во животна опасност или сериозно болен, тој или таа може побрзо да побара помош“ рекол господин Ли. Тој додал дека неговиот тим го привршува изгледот на роботите за истите да им изгледаат што е можно „похумано и попријателски“ на оние зад решетки. [South Korea plans to trial robot prison guards]

- Реклама -