Ох не, вторник! Не чекам автобус, ќе одам пеш

Голем број на истражувања велат дека понеделник е најдепресивниот ден во неделата. Очигледно, не биле спроведени во Македонија.

Вторник, првиот ден од седмицата во кој работниците, студентите или учениците, очајно се обидуваат да го избегнат превозот на ЈСП. Сепак, доколку тоа беше вашето единствено решение за да ги реализирате вашите денешни обврски, не се ни сомневаме дека денот ви започна кошмарно. Се надеваме дека не е вистинита онаа поговорка дека „Денот по утрото се познава“.

Уште кога пристигна вашиот автобус на станицата знаевте дека нема да биде лесно, нели? Сепак, ситуацијата се згусна дури откако влеговте. Патувањето се чинеше како цела вечност. Стампедо уште при самиот влез, гужва (уште што не седнал некој кај возачот во скут), турканици, валкана борба за седиште, напнатост, хаос и желба за кислород. Кога конечно пристигнавте на посакуваната дестинација, едвај успеавте да се симнете. Не само заради големата гужва, туку и бидејќи пред вас наидовте на низа барикади, големи торби, куфери… Сигурно се ежите само од помислата дека сета оваа тортура ве очекува подоцна пак, на патот кон дома. Ова е уште потешко со оглед на тоа што најверојатно ќе бидете изморени од работниот ден, можеби и со главоболка, но сепак ќе треба да им го отстапите местото (доколку воопшто барем за момент сте успеале да го зафатите) на постариот човек кој ќе биде истоштен од целодневното шетање низ градот.

article-1204736-002E8B0800000258-379_468x286

Сепак, колку и да е излезено од контрола ова патешествие, не се постарите граѓани виновни што понекогаш сакаат да излезат од дома, да се видат со пријателите, да прошетаат. Идејата да им се овозможи бесплатен превоз во годините кога конечно целото време им е на располагање е одлична, иако, рака на срце има голем број на несовесни пензионери кои кога би можеле и секојдневно би се возеле во автобус од утро до мрак за да разговараат со нивните истомисленици. Но, да не генерализираме, факт е дека со оглед на малите пензии кои ги имаат повеќето од нив, и после цел живот работа и плаќање разни давачки на државата, го заслужуваат ова.

Надлежните кои се одлучиле да реализираат ваков проект, морале да обрнат поголемо внимание на логистиката. Се прашувам дали некогаш некој од нив, за време на бесплатните пензионерски денови, го искористил јавниот превоз со цел да пристигне некаде. Со оглед на тоа што ваквите непогодности тапкаат во место веќе подолго време, веројатно не. Во спротивно, нешто до сега требаше да биде сменето.

20081014_prevoz

За да се избегнат сите овие непријатности и пеколни возења, мора да се доусоврши оваа идеја. На пример, нека се пуштат повеќе автобуси, или нека се возат секој ден, но не во ударните термини кога сите брзаат да стигнат на предавање или на работа. Нека биде од 9 до 12 часот па потоа од 17 часот до последниот автобус во ноќна линија. Вака е премногу неорганизирано. Било што, само нешто нека се промени. И за постарите сигурно би било поолеснително кога во целост би можеле да уживаат во бесплатниот превоз.

А вие, драги читатели, подгответе се психички и физички за патот кој ве чека на враќање. Доколку не сте многу далеку и сеуште имате малку енергија, поодете пеш. Ако ништо друго, барем ќе го избегнете хаосот и нервозите справувајќи се со нетрпеливата маса народ за да влезете/излезете од автобусот.

- Реклама -