Речиси 30 роботи започнале да работат како учители по англиски јазик во училишта во Јужна Кореја. Овој потег е дел од проект за поттикнување на индустријата за роботи во земјата.
Engkey, бел робот со облик на јајце развиен од Корејскиот Институт за Наука и Технологија, почнал да предава овој понеделни во 21 основно училиште во југоисточниот град Даегу. Роботите, високи околу еден метар, имаат дисплеи место лица, се движат низ училницата додека им зборуваат и им читаат книги на учениците. 29-те роботи, чиј аватар е лице на жена од белата раса, се контролирани далечински од учители во Филипини кои ги гледаат и слушаат децата преку контролниот систем.
Камери ги детектираат изразите на лицата на учителите и ги прикажуваат на аватарот. „Добро образовани, искусни учители од Филипини работат за далеку помали плати од нивните колеги било каде на Земјата, дури и од Јужна Кореја“ – изјавил Сагонг Сеонг-Дае, научник од институтот. Покрај тоа што им читаат книги, роботите користат претходно програмиран софтвер кој им овозможу да пеат песни и да играат јазични игри со децата. Ким Ми-Јонг од одборот за образование на градот Даегу вели: „На децата им се допаѓа бидејќи роботите се слатки и интересни. Но постои заинтересираност и кај повозрасни луѓе кои мислат дека би чувствувале помалку трема ако учат од робот наместо од вистинска личност.“
Ким вели дека постои план за испраќање на неколку роботи во руралните региони во Јужна Кореја кои странските учители ги избегнуваат. Таа додала дека роботите се сè уште во тест фаза, но дека сериозно се размислува за нивно вработување на долгорочен план ако научниците ги надградат и ги направат поедноставни за оперирање и поевтини. „Кога има роботи во училницата, учениците поактивно учествуваат во наставата, особено срамежливите ученици кои се плашат да зборуваат во присуство на вистински учител“ додала Ким. [S.Korea schools get robot English teachers]