Ретко кој ќе си помисли дека Скопје и Кина може да имаат нешто заедничко. Е имаат. Загаденоста на воздухот. Сѐ повеќе меѓу жителите на Скопје може да се слушне муабет дека надвор не се дише. Не дај Боже ситуацијата да ескалира и да нѐ снајде судбината на Кина, каде што жителите, конкретно на Пекинг, се предупредени да не излегуваат од затворени простории, а новитет е продавањето на свеж воздух во лименка. Можеби бројкиве нема да ви значат ништо, но скопјани на годишно ниво се изложени на 4.169 тони јаглероден моноксид, 1.943 тони азотни оксиди, 6.345 тони јаглероден диоксид и 284 тони прашина. Попросто кажано, секој жител на Скопје годишно вдишува околу 20 килограми штетни гасови.
Комбинацијата на премногу автомобили, несоодветната местоположба на индустриските објекти и опкружувањето на самиот град е виновна за концентрацијата на штетни гасови во метрополата. Скопје станува сѐ посиво, а скопјани се гушат во коктелот од издувни гасови, прашина и аеросоли.
А дека загаденоста на воздухот во Скопје достигна загрижувачко ниво, според многумина, беше и згаснувањето на сајтот „Скопје дише“ каде што во реално време можеше да се гледа загаденоста на воздухот во главниот град. Од неговото активирање резултатите беа загрижувачки и почна да се јавува паника кај граѓаните и „Скопје дише“ го снема. Во Скопје беа поставени и мерни амбиетални станици кои, исто така, не работат со месеци.
Овој податок сигурно ќе ве загрижи – загадениот воздух годишно убива по стотици жители на Скопје како последица од разните болести на белите дробови.
Во вакви услови за некоја година може на рафтовите во супермаркетите да се најде и конзервиран воздух. Тука пак ќе ја споменам Кина која моментално се соочува со еколошка катастрофа. Нивото на загаденот на воздухот е 40 пати поголемо од нормалното.Еден паметен Кинез нашол начин да го искористи овој проблем.
Чен Гуангбиао, за кого се верува дека е еден од најбогатите луѓе во Кина, почнал да продава свеж воздух во лименки за 0,80 долари. Конзервираниот воздух наводно може да се купи во различни вкусови кои се наречени со необични имиња, како што се „недопрениот Тибет“ или „постиндустриски Тајван“. Купувачот воздухот може да го испие или да го инхалира.
Кина наведува дека нејзината зависност од тешката индустрија е причината поради која не успеала да исполни некои од целите за намалување на загаденоста на водата и воздухот, а што е нашето оправдување?!