Кои се македонските „The Untouchables“?

Ако некој каже дека ниту еднаш не се изнервирал на шалтер во државна институција, сигурно лаже. Секој има да раскаже случка од стресот што го доживеал при средбата со локалните „The Untouchables“.

Во последно време најчести случаи на исфрустрирани луѓе се оние кои добиле лоша услуга на шалтерите на МВР за вадење пасоши, лични карти или возачка. Коментарите најчесто се „Таму никој ништо не знае“, „Ако немаш врски лошо ќе поминеш“, „На шалтер ништо не смееш да прашаш“…Да не го спомнувам купот документи и листови што треба да се пополнат, а никој не ти објаснува како треба и за една иста работа се враќаш по сто пати како да немаш друга работа во животот и мораш целосно да и се посветиш на нашата озлогласена администрација.

salter

И што е со намуртените изрази на лицето на (скоро) сите шалтерски работници (во текстот The Untouchables). Како да им се појавил најголемиот непријател и да им бара услуга. Како твојата појава да им ја убива и последната ронка позитивизам во нив. А тоа те убива и тебе и твојата расположеност и те прави да мразиш апсолутно се тој ден. “Фала ти администрацијо што ми го уништи денот“. Ај тие што завршиле со една средба со оние зад шалтерот, но што да речат тие што ќе заглават во лавиринтот од документи, потписи, печати…Е тука требаат дебели живци и здрав разум. Во спротивно – ќе биде лошо.

Дека ова не се празни приказни покажуваат и веродостојните извештаи на народниот правобранител во кои неефикасната јавна администрација зазема место во проблемите за кои најмногу се жалат граѓаните. Како факти за таквата состојба се наведуваат, меѓу другото, незнаењето и непрофесионално однесување на администрацијата и комплицираните постапки што ги исцрпуваат граѓаните.

Е после ваквите оценки дојдоа посакуваните пет минути за граѓаните. Се воведе семафорот – зелено за добра услуга, жолто за неутрално?! и црвено за лоша услуга. Конечно „The Untouchables“ станаа touchable. Но, за несреќа на напатениот граѓанин и тука немаше шанса за освета.

semafor

„The Untouchables“ често кажуваат дека уредите не работат, односно не им функционираат звучниот и светлосниот сигнал или пак не работат затоа што немаат батерија.

Дали конечно ќе се најде лекот или вечно ќе останеме незадоволни од услугата на државните шалтери – е прашање кое изгледа уште долго ќе остане отворено.

Ако не ви се крева косата и не се пронаоѓате во ниту еден ред од напишаното тогаш сте среќен човек и ви посакуваме долг и здрав живот без стрес сервиран од „The Untouchables“.

- Реклама -