Горан Пандев повторно се најде на удар на италијанските медиуми, откако доби најслаба оценка во својот тим за настапот на дуелот против Парма.
Македонскиот ас е критикуван поради долгиот голгетерски пост, со оглед на фактот дека сезонава постигна само два гола во Серија А, од кои што последниот на 7 октомври на дуелот против Удинезе. И покрај се, тренерот Валтер Мацари истакна дека е задоволен од настапите на македонскиот репрезентативец и од начинот на кој што тој се има подредено на колективот.
„Треба да разберете дека целиот тим, целата наша игра е поставена така за Кавани да постигне што повеќе голови. Пандев, исто како и Хамшик, се жртвува себе си за доброто на тимот и луѓето треба да го ценат тоа. Тој трча многу, врши фантастична работа на средината од теренот, а исто така е опасен и во противничкиот шеснаесетник. Јас сум најсреќен кога Кавани дава многу голови, и тоа на асистенции на Горан, кој што исто така ужива во тоа. Тој е одличен фудбалер и ние сме пресреќни што го имаме во нашите редови“ – изјави стратегот на Наполи, Валтер Мацари.