Суспензија и 4.000 евра парична казна за Вујовиќ

Дисциплинската Комисија при ЕХФ го казни Веселин Вујовиќ со суспензија од два натпревари, плус парична казна од 4.000 евра за црвениот картон што го доби на дуелот од ЕХФ-купот против Магдебург.

Искусниот стратег беше исклучен од страна на шпанските судии по критиките за нивната арбитража на мечот што се играше во Германија, што „вардарци“ го загубија со 30-27. Иако му беше дозволено да го води тимот на реваншот во Скопје, европската куќа на ракометот сепак се реши со мало задоцнување да го казни стратегот на македонскиот вицешампион.

По разгледувањето на изјавите на судиите и на делегатот на натпреварот, било утврдено дека исклучувањето било апсолутно оправдано, а Вујовиќ за своето однесување добил казна согласно правилникот. Така, овој стручњак нема да може да го води својот тим на следните два меча во европските купови, од догодина со оглед на фактот дека Вардар про веќе е елиминиран, а тој ќе мора да плати и 4.000 евра како дополнителна казна за навредите кон судиите.

 

- Реклама -