Ново истражување направено од Британски психолози покажува дека образовани дваесет и триесет годишници се најподложни на пред средовечна депресија. Тоа би требало да биде времето на шанси и авантури, но борејќи се со секојдневни грижи за работа, невработеност, долгови и врски многумина страдаат од „четвртвечна криза“.
Со сите симптоми на средовечната криза, овој феномен – карактеризиран од несигурност, разочараност, осаменост и депресија – ги погодува дваесет и триесет годишниците набрзо по нивното влегување во „вистинскиот свет“. Младите образовани професионалци се најподложни на оваа криза.
„Четвртвечните кризи не се случуваат буквално на 25 години“ вели главниот истражувач доктор Оливер Робинсон од Универзитетот од Гринвич во Лондон. „Тие се случуваат по првата четвртина од вашиот возрасен живот, во периодот помеѓу 25 и 35 години, иако најчесто околу триесеттата година.“
Робинсон, кој ги претставил своите наоди на годишната конференција British Psychological Society Annual Conference во Глазгов, соработувал со истражувачи од Биркбек Колеџ на според него првото истражување кое се фокусира на четвртвечната криза од „цврст, емпириски агол базиран на податоци наместо шпекулации“.
Истражувањето било подржано од анкета според која 86 проценти од 1100 анкетирани луѓе рекле дека чувствуваат притисок за успех во врските, финансиите и работата пред да наполнат 30 години. 40 проценти се грижеле за пари, велејќи дека не заработуваат доволно, а 32 проценти чувствувале притисок да се венчаат и да имаат деца пред 30 годишна возраст. Шест проценти планирале да емигрираат, а 21 процент сакале целосна промена на кариера.
Но Робинсон исто така открил дека четвртвечната криза – која во просек трае по две години – може да биде и позитивно искуство. Ваквите кризи рано во животот имаат четири фази, од чувство на заробеност, до катализатор за промена по што доаѓа изградбата и зацврстувањето на нов живот. „Истражувањето ќе им помогне на оние кои поминуваат низ ова да сфатат дека се работи за честа појава во тој период од животот, и дека од тоа произлегуваат позитивни промени“ изјавил Робинсон.
Демијан Бар, автор на книгата Get it Together: A Guide to Surviving Your Quarterlife Crisis, рекол дека сè повеќе 25 годишници чувствуваат притисок кој претходно бил карактериситичен само за луѓе во петтата деценија од животот. „Многу луѓе ќе речат дека четвртвечната криза не постои. Но вистината е дека оваа возраст не е иста за нас како што била за нашите родители, 10 години за забава и себепронаоѓање. Да се биде дваесет годишник денес е страшно – милионска конкуренција за првото работно место и наоѓање време за справување со сите врски.“
„Ние ја имаме таа несреќа да бидеме втурнати во опасен имотен пазар. Заработуваме повеќе и трошиме повеќе од било кога претходно. Создаваме долгови за да ги финансираме дипломите, кариерите и сместувањето. Според проценка на The Depression Alliance една третина од дваесет годишниците страдаат од депресија. За разлика од средовечната криза, четвртвечната криза не е општоприфатена. Нема „експерти“ кои можат да ни помогнат. Покрај самите себе немаме друга поддршка.“ [The quarterlife crisis: young, insecure and depressed]