Јубилеј за Новески: 200.натпревар во Бундес-лигата го прослави со избор во тимот на колото

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Николче Новески стигна до убав јубилеј во Бундес-лигата, на стартот од новата 2013 година одигрувајќи го 200. натпревар во најсилната германска лига.

Изминатиов викенд против Фрајбург, 33-годишниот Новески по 200. пат се најде во дресот на Мајнц на бундеслигашки натпревар, досега запишувајќи 17.545 минути на прволигашкиот зелен терен во Германија. Македонскиот репрезентативец досега за Мајнц има плус забележано и 93 официјални натпревари во Втората германска лига. Статистка со која малку кој може да се пофали во една од најсилните европски лиги.

„Новески е пример за вистински фудбалски професионалец. Одличен фудбалер, извонреден карактер, човек каков само може да посакате во екипата. Впрочем затоа и долги години е капитен на еден тим во Бундеслигата“ – вели во еден осврт за него актуелниот менаџер на Борусија Дортмунд и негов поранешен тренер, Јирген Клоп.

Прочитајте и:  Еквадорскиот фудбалски репрезентативец Ангуло почина на 23 години

Но, својот јубилеј Новески го прослави на најдобар можен начин и со изборот во тимот на колото од страна на престижниот „Еуроспорт“.

„Новески повторно одигра одличен натпревар во одбраната на Мајнц. Тој веќе е докажана фудбалска личност по толку многу натпревари во Бундеслигата. На натпреварот против Фрајбург имаше можност да ја затресе и противничката мрежа, но голманот спречи погодок“ – пишува „Еуроспорт“.

Покрај нашиот Новески, во изборот на „Еуроспорт“ се уште и голманот Оливер Бауман (Фрајбург), дефанзивците Матс Хамелс (Борусија Д.), Себастијан Бониш (Баер Л) и Јаник Вестергард (Хофенхајм), фудбалерите од средниот ред Марио Геце (Борусија Д), Марко Роис (Борусија Д), Франк Рибери (Баерн М) и Марко Хегер (Шалке 04), како и напаѓачите Штефан Кислинг (Баер Л) и Марио Манџукиќ (Баерн М).

- Реклама -