Неодамна се појави нов производ за справување со прекумерната дебелина. Се работи за електронски уред кој се вградува во стомакот на пациентот. Уредот наречен абилити е дело на компанијата Интрапејс. Тој се прикачува на нервот Вагус кој врши доставување на информациите до мозокот во врска со состојбата на органите на телото и применувајќи електрични импулси (мали електрошокови) ја изменува нормалната комуникација на нервниот систем.
Абилити системот е дизајниран да ги поддржува добрите навики на тој начин што со негова активација пациентот при јадење се чувствува сит порано, а чувството на ситост трае подолго, така што и паузата помеѓу оброците се зголемува.
Производителот Интрапејс тврди дека 65 од учесниците во почетните испитувања изгубиле во просек 22% од нивната телесна тежина, а најголемиот губиток на маса е за дури 38%. Овие резултати не се објавени или рецензирани.
Уредот би претставувал алтернатива на поинвазивните, екстремни процедури за слабеење какви што се на пример хируршкото премостување на стомакот и вградувањето на гастрични прстени, а се чини дека може да има и помалку несакани ефекти од нив. Уредот Абилити се вметнува во стомачната шуплина каде што “плива” во близина на желудникот, поврзан со електроди за нервите, што му овозможува да “почувствува” колку точно е раширен (односно полн) желудникот. Кога ќе добие сигнал дека желудникот е доволно полн уредот испраќа сигнал за ситост до мозокот.
Овој гастричен пејсмејкер содржи и акцелерометар што му овозможува на лекарот да има точен увид за количината на оброците на пациентот и колку редовно тој вежба.
Некои експерти од ова поле се загрижени дека ова сепак може да се покаже како привремено решение бидејќи постои можност мозокот да свикне на електричните импулси кои ги испраќа апаратот и по одредено време на употреба да почне да ги игнорира.
Абилити засега е достапен единствено во Германија, Шпанија и Велика Британија, а повеќе информации може да најдете на интернет страницата на производителот.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР