Компанијата Apple ги намали барањата за испорака на неопходните делови од добавувачите, што е знак дека продажбата на новиот телефон iPhone 5 е послаба од очекуваното.
Акциите на Apple паднале за 16 долари и до сега изнесуваат 503 долари, додека до крајот на месецот се очекуваат податоците за работењето на компанијата во последното тримесечје во 2012 година.
Дневникот “Wall Street Journal”, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека нарачките за екрани за iPhone 5 се двојно намалени за претстојниот квартал на оваа година, како и набавката на сите други делови од добавувачите.
Компанијата има зголемена конкуренција во Samsung и другите произведувачи кои го користат оперативниот систем на Google, Android. Samsung во текот на викендот соопшти дека нивната серија Galaxy S достигна бројка од 100 милиони продадени уреди,a особено Galaxy S3, кој до сега е продаден во 40 милиони примероци за седум месеци.
Google претходно соопшти дека од патентирањето на Android платформата пред четири години се продадени 500 милиони телефони што ја користат, додека Apple до септември минатата година продал вкупно 271 милион мобилни уреди.