Ревијалниот турнир во Абу Даби стартуваше со големо изненадување, откако Јанко Типсаревиќ успеа да слави во пресметката со Енди Мареј. Британецот Мареј имаше извонредни резултати во 2012 година, но не успеа да ја заврши во ист стил откако беше елиминиран веќе на првата пречка од овој турнир во престолнината на Обединетите Арапски емирати.
Типсаревиќ веќе во четвртиот гејм направи брејк и успеа да го добие првиот сет по 42 минути игра со 6-3. Тоа придонесе самодовербата кај српскиот тенисер уште повеќе да порасне, па тој одигра одлично и во продолжението, повторно стигнувајќи до брејк, со што го доби и вториот сет за свој четврти триумф во кариерата над Мареј.
– Горд сум што успеав да славам на овој меч против еден од најдобрите тенисери на денешницата. На овој турнир не гледам како на збогување од 2012, туку на увертира за случувањата во 2013 година – изјави Типсаревиќ по дуелот со Мареј.
Следен ривал на Србинот ќе биде Николас Алмагро, кој што доби специјална покана за настап во Абу Даби по откажувањето на Рафаел Надал.