НБА: Триумф на Њујорк во последна секунда

Иако беа ослабени за Кармело Ентони и Рејмонд Фелтон, Њујорк Никс брзо се опоравија од божиќниот пораз против Лејкерси, па на синоќешниот дуел во НБА лигата со кошот на резервистот Џеј Ар Смит во последната секунда стигнаа до победата во Феникс од 99-97.

Смит најпрво со погодок на 10,6 секунди пред крајот израмни на 97-97, а потоа откако играчите на Феникс глупаво ја загубија топката во напад, со звукот на сирената од дистанца донесе радост за својата екипа. Смит мечот го заврши со 27 поени, шест скока, пет асистенции и пет украдени топки, а главна поддршка му беше ветеранот Џејсон Кид со 23 поени, осум асистенции и шест скока. На висина на задачата беше и центарот на Њујорк Тајсон Чендлер со 14 поени и 12 скока.

Во НБА лигата синоќа беа одиграни 12 од 13-те закажани дуели, затоа што дуелот меѓу Индијана и Чикаго не се одигра поради снежната олуја во Индијанаполис.

Денвер ги победи Лејкерси со 126-114, Мајами им го нанесе 16-от едноподруго пораз на Бобкетси, а Атланта го доби Детроит по две продолженија.

Кливленд му го нанесе осмиот едноподруго пораз на Вашингтон од 87-84, а Портланд беше подобар од Сакраменто.

Резултати: Орландо – Њу Орлеанс 94-97, Шарлот – Мајами 92-105, Вашингтон – Кливленд 84-87, Атланта – Детроит 126-119, Милвоки – Бруклин 108-93, Мемфис – Филаделфија 88-99, Минесота – Хјустон 84-87, Сан Антонио – Торонто 100-80, Денвер – ЛА Лејкерс 126-114, Јута – Голден Стејт 83-94, Феникс – Њујорк 97-99, Портланд – Сакраменто 109-91.

- Реклама -