Во склад со стратегијата до 2012 година, Nissan планира во наредните четири години на пазарите низ светот да лансира 15 нови хибридни модели.
– Производството на нови и еколошки чисти автомобили е главен дел од нашата програма за намалување на нивото на штетните гасови до 2020 година. Целта ни е со нивната појава да успееме да придонесеме за намалување на потрошувачката на гориво кај повеќето модели на Nissan и до 19 отсто – коментира Брајан Брокман, претставник на компанијата.
Претставникот на Nissan одби да соопшти кои модели ќе бидат дел од новата стратегија на јапонскиот производител. Она што се знае е дека се планира надградба на електричниот Leaf, пласирање на компактен ван NV200, како и создавање на електрични Infiniti и на уште еден модел кој се чува во тајност. За електричниот Infiniti познато е дека ќе биде изграден врз основа на концептот LE прикажан претходно оваа година. Тој ќе добие модернизиран агрегат од ХNissan Leaf. Идниот модел ќе има напредни литиум-јонски батерии, за чие полнење ќе биде потребно двојно помалку време во споредба со она на Leaf.
Nissan сѐ уште нема свој хибриден модел, откако престана со производството на Altima Hybrid, која користеше технологија на Toyota. Минатата есен компанијата покажа комбинација од сопствен развој, на кој ќе се потпира при правење на хибриден модел. Таа се состои од 2.5 литарски бензински мотор со механички компресор, вариатор, електромотори и комплет литиум-јонски батерии.