Renault во континуитет ја подобрува својата верзија на еден од најпопуларните свои модели, Megane. Компактот веќе беше досега обновен, но според информациите од Париз, во септември следната година, непосредно пред да излезе новата генерација, ќе видиме уште еден фејслифт на оваа генерација.
Ова го потврдуваат повеќе француски медиуми, според кој причината за таквата одлука на шефовите на компанијата е фактот што годинава продажбата на ова Реново остварување, се намали за околу 15%. Новиот Megane ќе биде стилски доразвиен од дизајнерот Лоренс ван дер Акер, кој го наметна својот нов „дизајнерски јазик“ со Clio и Fluence. Овие возила се лесно препознатливи по предните бадемести фарови и двојната маска на ладилникот. Промените ќе има исто така и во опремата на моделот, како и моторите. Освежениот Megane ќе смета и на мултимедијалниот систем R-Link со екран панел.
Од палетата на мотори отпаѓа бензински со зафатнина од 1.4 литри и моќност 130 КЅ. На неговото место пристигнува 1.2 литарскиот агрегат со иста моќ, кој ќе биде во спрега со менувач со две спојки. Досегашниот 2.0 литарски дизел со моќност од 165 КЅ ќе му отстапи место на битурбо-моторот со зафатнина 1.6 литри и моќност од 160 КЅ.