УЕФА реши да го казни Луис Адријано со суспензија од еден натпревар поради неговиот неспортски постигнат погодок за време на дуелот од Лигата на шампионите меѓу Нордсјеланд и Шахтјор.
Данскиот тим имаше предност од 1:0 кога Адријано го постигна контроверзниот израмнувачки гол, во ситуација кога Вилијан ја враќаше топката на домашниот голман, а сите освен Бразилецот чекаа Нордсјеланд да почне сопствена акција откако претходно играта беше прекината за да биде укажана лекарска помош на еден фудбалер.
Адријано најпрвин тврдеше дека не сторил ништо лошо, потоа сепак се извини за своето однесување, но тоа сепак не мина неказнето од страна на европската куќа на фудбалот, која толку многу се залага за фер-плеј во овој спорт.
Оваа казна значи дека бразилскиот голгетер ќе го пропушти дуелот на својот тим против Јувентус, но тоа нема да биде преголем проблем за Шахтјор бидејќи украинскиот првак веќе си обезбеди учество во осминафиналето од елитното европско натпреварување.