Интервју: Летечки пекинезери

Интервју: Летечки пекинезериЏез квинтетот Летечки пекинезери, во сегашниот состав: Бојан Петков – Шамба (гитара), Иво Солдатовиќ – Сол (кларинет), Славчо Коцев (тапани), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Петар Христов (саксофон); постои нешто повеќе од една година. Неодамна, тие го промовираа својот прв албум, што беше доволна причина да седнеме и да поразговараме.

Интервјуто го направивме веднаш по еден настап на квинтетот, а од оправдани причини, Кирил и Петар не можеа да присуствуваат. Но, затоа Бојан, Иво и Славчо беа доста расположение за муабет.

Знам дека Луис Армстронг и Дјук Елингтон ви се најголемата музичка инспирација, но ако мора да изберете еден од нив да биде задолжителна училишна лектира, кого би го одбрале?

Бојан: Тешко може да се одбере, но ако мора, јас би го одбрал Луис Армстронг, затоа што тој е поедноставен за сфаќање. Со Армстронг започнува импровизацијата и џезот станува џез во вистинската смисла на зборот. Тој е првиот што им влијаел на голем број млади музичари да се обидат да импровизираат. Кај него постои онаа чиста емоцијата. Елингтон по оваа логика би бил некаде на ниво на факултет.

Иво: Има еден албум Луис Армстронг и Дјук Елингтон. Нема потреба да се бира меѓу нив, ако нешто треба да биде лектира, треба да биде овој албум. Двајцата свират на едно место и го вадат најдоброто.

Бојан: Од друга страна, Дјук Елингтон има направено сè што можело да се направи во музиката. Ако се сеќаваш на онаа епизода од Саут Парк, Simpsons did it, тоа е Елингтон во џезот. Што и да ти текне да направиш, тој веќе го има направено и едноставно никој не може да се натпреварува со него.

Интервју: Летечки пекинезери

Какво е чувството, кога по многу работа, најпосле ќе го имате албумот готов, во рака?

Иво: Безобразно прашање… (се смее)

Бојан: Најубаво, особено кога ти е прв албум. Не може да се опише тоа.

Иво: Се радувавме како мали деца, му викам Шамба – еј, имаме оригинал це-де!

Бојан: Да, пред излегувањето на албумов, јас изрежав некои 100 копии, за баба ми, за роднините, за сите што ќе побараа да чујат како звучел албумот. И сега доаѓа моментот кога веќе нема потреба да се режат дискови, затоа што имаме оригинално це-де.

Иво: Добро е од пират кога ќе станеш капетан.

Сценографијата на концертот во кино Фросина, заедно со приказната што ја раскажува вашата музика, ме потсети на Америка од 20-те години на минатиот век… Па, ако можете да бирате, во која ера најмногу би сакале да живеете?

Иво: Денес. Ова е нашата ера. Има многу моменти во времето на кои би сакал да присуствувам, на момент, на вечера, на настан. Ама, како ера, ова е тоа.

Бојан: Предизвик е да се живее овде и сега. Во минатото знаеш што се случило, денес немаш поим што ќе се случи следно. Можеби работите не се сјајни, мораш да направиш сè за да ги подобриш, онолку колку што можеш.

Имате публика што култно ве следи на сите настапи, а по настапите најчесто сте заедно со таа публика на продолжението од забавата. Кое ви е најлошо, а кое најдобро искуство од оваа интеракција?

Иво: Лошо до сега не сум доживеал. Немаме таква филозофија. Гледаме секогаш нештата да бидат позитивни и сме пријателски настроени кон сите. Ако некој настапува лошо, тогаш тој губи, не губиме ние, нели?

Бојан: А најдоброто ни доаѓа додека свириме. Тоа ни е омилената интеракцијата со публиката. Единствено што може да биде лошо е кога лошо ќе отсвириме. Знаеш, кога дошле луѓе специјално да те слушаат како свириш и ти ќе отсвириш лошо. И можеби некои од нив нема да забележат дека е многу лошо, ама ти знаеш. И тогаш ти е срам да се поздравиш со публиката. А, кога е добро, не ни размислуваш што се случува. Додека свириш ги гледаш луѓето насмеани и толку им била добра свирката што решиле да останат и по крајот. Тоа е многу голем комплимент. И во тие ситуации секогаш се случува нешто убаво.

Интервју: Летечки пекинезери

Кои се најголемите клишеа поставени како прашања во интервјуа?

Бојан: Еве ова со ерата беше така малку клише (се смее). Инаку: со кого би си заминал за 5 минути; што би понел со тебе на пуст остров; што мислите за македонската сцена?

Се живее ли од музика во Македонија или пак морате да работите и нешто дополнително?

Бојан: Колку што знам, сите сме музичари. Јас сум единствен без диплома, сите други се дипломирани музичари. Иако имам завршено право и јас работам како музичар. Се одлучив да работам како музичар и веќе 5 години го правам тоа. Сите сме музичари… и многу ни е важно да успее ова што го правиме. Свириме оригинален репертоар, го имаме извежбано, изаранжирано, работиме на пласман, секогаш размислуваме што е добро за свирење во живо, а што за своја душа… Не се оптоваруваме со прашањето дали ова е уметност. За тоа ќе размислуваме подоцна, сега е важно да се фати импулсот, додека сме уште млади.

Иво: Уметност е нешто што го правиш добро…

Бојан: Баш зборувавме со Сол, многу нè нервира тоа што оваа земја не знае да си ги задржи талентите. Се враќаат на 35 години, како попарени, без енергија. Креативноста е во тебе додека си млад и тоа е добро, зашто тогаш имаш енергија некако да ја материјализираш таа креативност. Кога ќе поминат 10 години, ако си направил нешто добро, ти останува да се обидеш да го повториш тоа. Ама стилот се гради додека си млад. Овде се враќаат луѓе што студирале во странство, ќе им дадат работа и престануваат да се бават со она за што се талентирани. Само во оваа земја можеш да чуеш за некој што има 35 години дека е талентиран. Доцна е тогаш некој да го бара својот стил. Тешко е да се живее како музичар и баш затоа ние сега мора успееме и ги вложуваме сите сили.

Прочитајте и:  Промоција на втората збирка раскази од Наде Ќосеска „Животен калеидоскоп“

Разбрав дека веќе подготвувате материјал за нов албум. Има ли вистина во гласините?

Иво: Цело време нешто се спрема. Се крчка.

Бојан: Најсоодветно би било да се каже дека снимавме демо. Имаме концепт за новиот албум, но сè уште не се работи интензивно на него. Има време.

Летечки пекинезери во живо на Алфа ТВ

{youtube}saQ7NnaxJFM{/youtube}

Социјалните мрежи се многу моќна алатка за промоција. Знам дека сте на Твитер, но зошто немате фан-страница на Фејсбук?

Славчо: Има една страница, ама името е на англиски и тешко се наоѓа. Ни ја направија луѓе од странство и сега не може да се смени името. Знаеме дека е важно да се има ваква страница, за луѓето да можат да се информираат за настапите, па затоа јас ја преземам одговорноста да направам нова фан-страница, до моментот кога ќе излезе интервјуто.

(Речено-сторено! Активноста на Летечки пекинезери отсега ќе можете да ја следите и преку нивната фан-страница на Фејсбук.)

Во кој момент од животот се одлучивте дека ќе се бавите со музика?

Иво: Како дете се занимавав со сите спортови, бев: голман, кик-боксер, јавач, пливач, тенисер, одбојкар… Кога открив дека цигарите, алкохолот и дружењето се многу убави, а во позадина секогаш има некоја музика; отсекогаш, барем според мојот вкус слушам убава музика; тоа беше моментот кога сфатив дека и јас сакам да се занимавам со музика. Прв инструмент ми беше електрична гитара, која ја купив на старо, од Гога од маало, на рати. Со Шамба бевме двајцата гитаристи едно време. Во еден момент, му го побарав кларинетот на дедо му на поранешниот тапанар, да го пробам, зашто во тој момент ми беше актуелен еден кларинетист, Дон Бајрон. На почетокот се мачев да извадам тон, ама после тоа пополека, научив да свирам со Шамба. Тој на гитарата, јас тон по тон и така научив. Ми се допадна инструментот и оттогаш немам сменето, значи негде околу 2002-2003 година.

Бојан: Чудно е што и мојата приказна е слична. И јас како дете пробав сè, ама во музиката ја почувствував слободата. Слободата веројатно доаѓа од тоа колку си способен да правиш нешто. Ако си способен да играш кошарка, тогаш си комотен да ги правиш сите тие движења на теренот и чувствуваш слобода, нема ограничување. Кога првпат фатив гитара, почувствував слобода и сфатив дека имам многу идеи на кои треба да продолжам да работам, за еден ден да можам да стигнам да ги направам замислените работи. Добив визија кога го фатив инструментот… Некогаш кога ќе си помислам од каде почнав а каде сум сега; не дека имам направено којзнае што, ама има напредок, има огромна разлика. Сето тоа самиот сум си го побарал и сум го добил и поради тоа сум среќен, на некој начин.

Славчо:  Мене прв омилен инструмент ми е тенор-саксофон. Почнав да учам кларинет во нижо музичко, за некогаш да можам да научам и саксофон. Ама тоа беше безуспешен обид. Бев разочаран подолго време, поради неуспешниот обид. По некое време открив дека постои љубов и за тапаните и тоа голема љубов. Татко ми ми купи тапани, почнав да свирам и еве сме денес тука.

Интервју: Летечки пекинезери

Што ќе правевте доколку не постоеше музика?

Иво: Ќе ја измислевме.

Бојан: Можеш да видиш според ова дека Иво ни е најголемиот оптимист во бендов. Ама, не можам да замислам свет во кој не би постоела музиката.

Добро, ајде вака тогаш – што ќе правите доколку ја забранат музиката?

Иво: Единствено сценарио во кое би можеле да ја забранат музиката е доколку сите, одеднаш, масовно оглувиме. Инаку нема шанси. А и тогаш, ако сите сме глуви, луѓето ќе си се плескаат по рамо еден со друг, ќе создаваат ритам. Значи, светот не може да постои без музика.

Кога ќе станете многу славни и богати, каде би сакале да живеете?

Бојан: Скопје.

Иво: Скопје. Ама, прашај го Славчо дали сака да живее од Скопје, зашто тој е од Велес.

Славчо: Не можам да го одговорам ова прашање.

Иво: Кога ќе имаме многу пари, сакаме сите да имаме викендички низ цел свет, на сите мориња, ама сепак би живееле овде. И на крајот, ќе купиме една стара јахта, расипана и ќе ја крстиме „Летечки пекинезери“. Треба да биде расипана за Славчо да ја поправи – него го бива за поправање работи. И откако ќе ја поправи, ќе пловиме со неа…

Бојан: Ова ни е вистински договор, не се зезаме. И има уште една важна работа. Ако некогаш станеме славни, сакаме да отвориме школа. Не сами, зашто не сме толку способни, ама потребно е да постои такво нешто во Македонија. „Летечки пекинезери – школа за џез“.

За крај, што би им порачале на обожавателите кои се немаат запознаено со вас или уште подобро, оние што никогаш не дошле да ве слушаат во живо?

Иво: Што можеме да им порачаме освен да дојдат и да се уверат дека сме многу дружељубиви луѓе. Секојдневно се дружиме со многу луѓе, без разлика на кое место се наоѓаме. Дружењето и разменувањето мислења е многу убава работа…

Албумот „Летечки пекинезери“ може да се купи во Југотон Рекордс и во книжарницата ТРИ, двете го ГТЦ. Во оваа прилика, Летечки пекинезери на тројца наши читатели ќе им подарат по една копија од албумот, потпишана од Славчо, Бојан и Иво. Сè што треба да направите е да го твитнете ова интервју и на крајот од твитот да додадете @365commk. Добитницте ќе бидат избрани по случаен избор. Добитниците на ЦД може да ги прочитате тука.

- Реклама -