Кошаркарите ги дознаваат ривалите за Евробаскет 2013

Македонските кошаркарски репрезентативци вечерва ќе ги дознаат своите противници на Евробаскет 2013, што од 4 до 22 септември ќе се одржи во Словенија.

Ждрепката би требало да биде спектакуларна со самиот факт дека ќе биде одржана во концертната сала во Постојнската јама, околу 80 метри под земја. Сепак, за нас најважен ќе биде исходот на ждрепката, односно кои ќе бидат противниците со кои што ќе водиме битка за пласман во следната фаза од шампионатот.

Она што мора да се потенцира е дека последниот успех на „црвено-жолтите“ и четвртото освоено место од Евробаскет 2011 во Литванија не остана незабележано од страна на челниците на ФИБА Европа. Така, Македонија ја доби улогата на носител на група во Словенија, што само по себе значи и добивање на нешто полесни противници.

Фактот дека Македонија е во првиот шешир заедно со селекциите на Шпанија, Франција и Русија значи дека овие три кошаркарски велесили нема да ни бидат ривали на следниот шампионат, со што се зголемуваат шансите за што подобар пласман на Евробаскет 2013.

Факт е дека кога во своите редови го имаме неповторливиот Мекејлеб, но и сите останати спортски херои од Литванија, Македонија може да игра буквално против секој ривал. Впрочем, Литванија, Грција и Словенија, кои ни се потенцијални противници од вториот шешир, сите ги совладавме на последниот европски шампионат, додека Велика Британија ја преслушавме во Скопје во квалификациите за тоа натпреварување.

Македонија во последните неколку години покажа дека има репрезентација за респект, која што не треба да стравува од ниту еден противник. Сепак, добредојдена би била мала доза на среќа за да се избегнат оние мал број на „незгодни“ ривали во секој од шеширите, со што би бил трасиран патот за нови историски успеси на македонската кошарка.

Дали среќата ќе ни биде наклонета, ќе дознаеме нешто по 18 часот, кога ќе биде познато кои се петте репрезентации против кои што „црвено-жолтите“ ќе ги бијат првите битки на Евробаскет 2013.

- Реклама -