На предновогодишната вечера, што традиционално ја организира градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, а на која поканети се дипломатскиот кор и претставници на верските заедници, овојпат не го испочитуваа дипломати на неколку земји.
Отсуствувале американскиот вршител на должноста амбасадор, Ненси Ван Хорн, амбасадорот на ЕУ, Силвио Гонзато, амбасадорите на Германија, Карл Бергнер, на Велика Британија, Ник Абот и на Италија, Фабрицио Бучи.
-На крајот се чини дека самиот Велиај беше разочаран од вечерта, бидејќи „Дедо Мраз“ не му го донесе подарокот што го посакуваше оваа година, со кого во овие мачни денови на истраги против него и членовите на неговото семејство, тој би ја имал поддршка од главните амбасади во нашата земја. Вечерта може да се сумира во еден збор „напуштање“ од овие земји, оценува Ора њуз.
Телевизијата додава дека е доволно да се каже дека луѓето од овие земји се и финансиери на реформите во правосудниот систем во Албанија, за да се разбере дека оваа одлука е токму поврзана со истрагите на новите правосудни органи против него.
Во петокот, по налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, припадници на Националното биро за истраги, вршеа претрес во неговиот дом, при што и беше одземен телефонот на неговата сопруга Ајола Џоџа, потоа во домот на неговиот брат Арбр Велиај, канцелариите на галеријата „Харабел“,со кој управува неговата сопруга, каде според медиумите, во нејзината канцеларија биле пронајдени над 150 илјади евра.