Битиќи: Се расправа за кохезијата на општеството, самата можност за употреба на албанскиот јазик е доведена во прашање

„Во овој момент, во 9:30 часот, во судницата на Уставниот суд започнува необичен разговор на нашето општество со себеси, со различностите, кој може да биде дијалог како инклузивен процес или монолог како чин на исклучување. Ова е миг во кој се расправа за кохезијата на општеството, за неговите споделени основи. Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме“, порача утрово Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието од редовите на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, во очи на седницата на Уставен на која една од точките беше Законот за јазици.

„Македонија е татковина за сите нас. Таа не е само територија – таа е приказна за заеднички живот, за споделени предизвици во добро и лошо. И во таа заедничка приказна, јазикот е симбол на нашиот дух, нашето достоинство и нашата слобода.
Со почит кон македонскиот јазик, јас, како Албанец, го прифаќам неговото значење и вредност за македонскиот народ. Ја прифаќам и мудроста на Крсте Мисирков, кој рекол: „Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Овие зборови ме инспирираат да додадам дека истата таа вистина важи за сите јазици во оваа држава, без разлика на тоа кој јазик го зборуваме – македонскиот, албанскиот или било кој друг“, пишува тој.

Според него, самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, а можноста да зборува на албански јазик во земјава, истакнува, значи и да верува во заедничка татковина.

„ Во овие моменти, кога самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, свесен сум дека можеби утре некој ќе се обиде да го замолчи мојот глас. Но, јазикот е повеќе од зборови – тој е нашиот идентитет, нашето право да бидеме тоа што сме и нашата верба во еднаквоста. Да зборувам на албански јазик во оваа држава значи да верувам во заедничка татковина каде различностите се вреднуваат како богатство. Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици.

Прочитајте и:  Мицевски до Беџети: Бев пратеник и сведок на сите лакрдии што ги направивте за да го протнете Законот за јазици

Македонија е нашата татковина. А татковината, како што секој од нас знае, не е само земја – таа е дом кој ги прифаќа и почитува сите свои деца, со нивните јазици, нивните култури и нивните идентитети. Употребата на мајчиниот јазик не е привилегија, тоа е фундаментално право што секоја инклузивна држава мора да го гарантира. Само кога сме отворени кон различностите, стануваме посилни и посплотени.

Нашата иднина е во инклузивноста, во тоа да ја градиме Македонија за сите нејзини граѓани, каде што сите ќе се чувствуваат рамноправни и почитувани. Јазикот е клучот што го отвора срцето на татковината, а нашата заедничка должност е да ги почитуваме и зачуваме сите јазици што ја збогатуваат Македонија. Тоа е заедничката татковината за која се бориме. Тоа е иднината што ја заслужуваме“, порача Битиќи.

Од СДСМ пак, и синоќа и утрово повикаа Уставниот суд да не потпаѓа под политички притисоци и да одлучува исклучиво согласно Уставот. Воедно и остро ја осудија политизацијата на процесот и, како што велат, манипулациите со чувствителни прашања. Оваа пракса на поттикнување тензии, порачаа, не придонесува за решавање на проблемите, туку напротив – ги продлабочува.

„Секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија. СДСМ, имено, стои на ставот дека сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Република Северна Македонија и Охридскиот Рамковен договор“, додадоа од партијата на Битиќи.

Уставниот суд, инаку, денеска не одлучуваше за Законот за јазици. Донесе одлука да се одржи подготвителна седница и да се консултираат експерти, па дури потоа да се расправа за Законот за употреба на јазици.

- Реклама -