Апасиев: Законот за двојазичност е премногу дури и за федерални држави, тоалетна хартија објавена во „Службен весник“ без никаков правен преседан

Димитар Апасиев, лидерот на Левица, како подносител на Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците, ги образложи „правните заврзлами“ околу овој закон, или, како што вели „јас го нарекувам таканаречен, затоа што не е закон. Тоа е тоалетна хартија која е објавена во ’Службен весник’ без никаков правен преседан во нашата историја. Значи ние не сме држава од вчера, ние имаме некои уставни обичаи од кои што влечеме корени и можеме да споредиме и вакво нешто се нема случено“.

Како што истакна, прекршен е Деловникот, прекршена е процедурата, ставено е вето на овој закон од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а кога се става вето мнозинството од 41 пратеник се подига на 61 пратеник, промашен е рокот, па така место во рок од 30 дена донесен е после 60 дена, десетина членови од законот се вратени како спорни на повторно разгледување, а за кои опозицијата има право да поднесува амандмани.

„ДПМНЕ поднесе 19 000 амандмани и Џафери брутално им ги фрли во корпа, со што стори кривично дело. Претходно ДУИ имаа 15 500 амандмани на изборен законик кога се требаше да се воведе една изборна единица. Значи имате двојни стандарди и политичка дискриминација. Пробиен е рокот, рокот е седум дена, а овој закон е објавен дури после година дена од носењето заедно со Преспанскиот, знаете кога има гужва па да помине и тој“ – истакна Апасиев.

Понатаму во излагањето Апасиев образложи дека Законот за јазици треба да падне на Уставен суд исто како Законот за матична евиденција и Упатството за воведување националност во изводите од матично, кој беше пред Судот на иницијатива на Левица.

„Што ние направивме. Кога Кренар Лога, необалистов, беше министер за правда и сакаше да воведе националност во изводи од матично. Ние му го оспоривме Упатството пред Уставен суд и му го кутнавме и после тоа го оспоривме и законот и исто така успешно го кутнавме. Роковите се најбитни во правото. Ние велевме дека тој рок е преклузивен, тој се бранеше дека е ориентационен. Тогаш, со одлуката, Уставниот суд си постави преседан и само по овој основ треба да се укине законот“, рече Апасиев.

Апасиев во интервјуто го потенцираше и тоа дека за првпат во историјата од АСНОМ до денес, има закон кој влегува во сила без потпис на Претседателот.

„Тоа е познатото фамозно ’џебно вето’ на претседателите. И видете, Ѓорѓе Иванов не е првиот кој го употребува џебното вето. Имаме два преседана претходно. Првиот е Глигоров во 1997 година, тогашниот Закон за кривична постапка, кој е патем речено квалифициран двотретински закон, одбива да го потпише и го потпишува многу подоцна, и дури тогаш влегува во сила – значи, додека нема потпис, нема Закон.

Прочитајте и:  Османи: Недозволиви се седници во моноетнички состав, подготвителната седница е продолжување на процесот на укинување на Законот за јазици

Следниот е Борис Трајковски во 2001 година, за Законот за пратеници, со кој  пратениците сакаа да си ги кренат привилегиите но, Трајковски не им го потпиша законот и тој никогаш не влезе во сила. Значи овој преседан на Ѓорѓе Иванов е трет. Е сега не можете вие на два преседана имате еден аршин, а за третиот друг аршин“, вели Апасиев.

Како преседан, а за споредба со случајот со Законот за јазици кој е потпишан од Талат Џафери наместо од претседателот Иванов, Апасиев, објасни уште еден случај од 1997 година, кога Тито Петковски, како тогашен спикер на Парламентот, се обидува да го заобиколи Киро Глигоров за Законот за употребата на знамињата, и без потпис на Киро Глигоров да објави закон. Тогаш Уставниот суд  носи една одлука во која се вели дека само во четири случаи спикер може да замени претседател: кога ќе умре, кога ќе даде оставка, трајно е спречен или кога ќе му престане мандатот по сила на Устав.

„Во овој случај, Талат Џафери знаете што направи? Фуснота ставил кај потписот на Ѓорѓе Иванов и се потпишал некојси заменик генерален секретар од ДУИ, Неџбедин Ибраими и вика, ние мораме да го објавиме. Па кои сте бе вие да го објавувате во Службен весник? Во Службен весник знаете како оди објавувањето? Собрание го праќа кај претседателот и претседателот го праќа указот до Службен весник, не Собранието. Значи каша попара е направено и само поради овие причини, меѓудругото го нема и двотретинското мнозинство, донесен е со 64 пратеника, а не со 80, доволно е за да се поништи законот“, истакна Апасиев и додаде дека го Левица го чека исходот од Уставниот суд.

„Ние чекаме исход сега во среда, за да знаеме дали да го оспориме и материјално – правно. Венецијанска комисија им го оспори практично, ги направи каша попара внатре, затоа што тој е нефункционален, го парализира правниот поредок и не можете да функционирате. Ваков закон дури и за федерални држави е ту мач, а не, пак, унитарни“ – потенцираше Апасиев.

- Реклама -