Левица – како подносител на Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците – најавениот бојкот од уставните судии Осман Кадриу и Насер Ајдари го оценува како скандалозен и неприфатлив. Политичкиот бојкот не е ништо помалку од обид за насилно одржување на неуставната двојазичност, иако Европската унија и Венецијанската комисија веќе ја оценија како спротивна на владеењето на правото.
Оваа ситуација ја разоткрива и суштинската слабост на Бадентеровиот принцип, кој се претвори исклучиво во алатка за етнички диктат и блокирање на институциите. Наместо правна стабилност, добиваме парализирани институции подложни на политички и етнички манипулации.
Дополнително, овој случај ја потврдува итната потреба од дефинирање на критериумите за избор на уставни судии наспроти флоскулата ‘истакнат правник’. Моменталната практика на произволен избор, заснована исклучиво на партиски, етнички и субјективни критериуми, доведе и до ситуација каде судии отворено одбиваат да одлучуваат по прашања што ги сметаат за „етнички чувствителни“. Пратениците од Левица во минатиот мандат поднесоа предлог-закон во оваа насока, со цел прецизно дефинирање на поимот ‘истакнат правник’, но тој не доби поддршка. Одлучни сме повторно да го предложиме, бидејќи без вакви реформи, Уставниот суд ќе продолжи да биде инструмент на етнички и политички интереси, а не на правдата.
Го повикуваме претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадинов, да ги преиспита процедурите, да го смени заклучокот за одлучување во полн состав за т.н. Закон за двојазичност и да обезбеди функционалност на Судот. Судот мора да одлучува врз основа на правото, а не под притисок на етнички и политички уцени. Доколку не се обезбеди функционалност, ќе стане јасно дека Уставниот суд не е заштитник на Уставот, туку заложник на етничките калкулации и политичкиот терор.
Уставниот суд треба да биде бастион на правото и владеењето на законите – а не арена за политички и етнички бојкоти и манипулации.
Политичка партија Левица