За ВМРО-ДПМНЕ инцидентите и дивеењето на неколку групи се смислено сценарио на СДС и ДУИ, додека од СДСМ порачуваат – срамен и кукавички обид за префрлање на вината поради сопствените неуспеси
Двете најголеми политички партии од власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебните обвинувања кој е виновен за инцидентите од прославата на Денот на албанското знаме. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, инцидентите и дивеењето на неколку групи се смислено сценарио на СДСМ и ДУИ, преку манипулација, ескалација и креирање етнички тензии да се обидат да го заштитат криминално стекнатиот капитал.
„Антидржавните партии СДС и ДУИ преку манипулирана група од политички насилници направија директен напад врз државата преку чин на агресија кој беше директно насочен кон достоинството на македонскиот народ. СДС и ДУИ после 7 години власт се длабоко во политичкото мочуриште, нервозни се, во паника и исплашени поради соочување со правдата и затоа сеат раздор. СДС и ДУИ се немоќни и во агонија поради тоа што немаат поддршка за протести и токму затоа посегнаа по креирање на меѓуетнички тензии и обид за деескалација. За разлика од минатото кога полицајци се удира во пајаци сега МВР одговори одлучно, брзо и професионално за сите кривично правни настани и прекршочни настани“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ , пак порачуваат дека обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се лажни и претставуваат срамен и кукавички обид за префрлање на вината поради сопствените неуспеси.
„За жал овие обиди имаат јасна и подмолна цел – да ја покријат неспособноста на Владата и Министерството за внатрешни работи да го заштитат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Страшно неодговорно и поразително е во ситуација на подигнати тензии наместо пораки на смирување и обединување, Мицкоски да прави политички поделби. Опасно е да се потпалуваат граѓаните кога е потребно лидерство и храброст да се смират страстите. Наместо да се соочат со фактот дека институциите потфрлија во превенција на хаосот и да преземат одговорност, Мицкоски и неговата партија одбраа да шират паника и да манипулираат со јавноста со своето познато сценарио за дестабилзизација. Ова е уште еден доказ за нивната неспособност да се справат со кризни ситуации, но и за опасните намери да го поларизираат општеството за политички поени“,
велат од СДСМ.