Во писмениот допис од Арсовска, на кој покрај нејзиниот стојат потписите на секретарот и раководителите на секторите во Градот, од админстрацијата на градоначалничката, го обвинуваат Славески дека денешната итна седница за надоместокот на приватните превозници ја водел спротивно на Деловникот, го ускратил правото на изјаснување на присутните, упатил закани кон вработените во администрацијата и дека заклучокот бил усвоен без кворум
„Сакам да ја известам македонската јавност за тоа дека се соочуваме со големи опструкции од страна на градоначалник и администрацијата на Град Скопје, при носењето и извршувањето на одлуки“, рече Славески во изјава за медиумите
И по завршувањето на седницата на Советот на Град Скопје доцна вечерва продолжија тензиите меѓу претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и нејзината администрација.
Славески првин преку објава на социјалната платформа Икс, а потоа и во изјава за медиумите ја обвини Арсовска дека го опструира заклучокот и не сака да го потпише и стави во процедура.
Од кабинетот на Арсовска, пак, одговорија со писмен допис до претседателот на Советот на Град Скопје, во кој се вели дека заклучокот бил донесен без кворум и оти стручните служби и таа нема да учествуваат во незаконското постапување на Славески за време на денешната седница на која се расправаше за зголемување на надоместокот на приватните превозници.
„Сакам да ја известам македонската јавност за тоа дека се соочуваме со големи опструкции од страна на градоначалник и администрацијата на Град Скопје, при носењето и извршувањето на одлуки. По иницијатива на Град Скопје и мислење на градоначалник по пет часовна расправа, продуктивна, сега знаете секогаш може да има и поинакви дискусии, беше усвоен заклучок со гласање од страна на мнозинството членови на Совет со кој што се задолжи градоначалник да изврши измени во одлуката за исплата на надоместокот за изминат километар, тарифата за изминат километар на приватните превозници…Јас тука чекам во мојот кабинет, во мојата канцеларија во Советот на Град Скопје од 17 часот, еве сега помина 19 часот, да ми се донесе на потпис заклучокот за да го проследам официјално до градоначалникот Арсовска. Уште една опструкција до овој момент, заклучокот не е донесен, јас ќе продолжам да чекам затоа што мислам дека тоа ми е обврска. За ова сакав да ве известам, решен е се надевам еден проблем од страна на советниците, сега треба да постапува градоначалникот Арсовска“,
рече Славески.
Совет на град Скопје по петчасовна расправа на итна вонредна седница со мнозинство гласови донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот Арсовска во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден, 29 ноември 2024 година, да предложи измени и дополни на одлуката за… pic.twitter.com/lkz973lFmx
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 29, 2024
Во писмениот допис од Арсовска, на кој покрај нејзиниот стојат потписите на секретарот и раководителите на секторите во Градот, од админстрацијата на градоначалничката го обвинуваат Славески дека ја водел седницата спротивно на Деловникот, го ускратил правото на изјаснување на присутните и упатил закани кон вработените во администрацијата.
Како, клучно во дописот се наведува тоа што заклучокот за заголемувањето на надоместокот за приватните превозници бил донесен без потребниот кворум, односно во салата имало помалку од 23 советници.
„По завршувањето на расправата, спротивно на член 87 од Деловникот на Советот на Грда Скопје, без кворум односно неопходното мнозинство за работа од 23 советници, без соодветно од страна на службите да биде утврден бројот на советници присутни во салата и бројот на гласови, своеволно изјавивте дека заклучок е донесен и притоа повикавте вработемите во градската администрација и градоначалникот да постапуваат иако стручните служби на Град Скопје и сите останати советници во Советот на Град Скопје укажуваат на неправилностите во водењето на седницата и немањето кворум за одлучување на истата. Воедно предложивте во најкус можен рок и тоа дури во текот на денешниот ден да се достави изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници – остварен километар, со тоа што износите во табелата за цена по километар да се зголемат за 30 денари соодветно и истата да се применува до истекот на важноста на договорите на Град Скопје ги има со приватните превозници. Ваквиот заклучок кој не произлегува од поднесената Инцијатива, гласан без кворум, односно со присуство на само 19 советници во салара на Советот (за што постои видео-запси), не може да се смета за донесен. Стручните служби во градската администрација и градоначалникот во ниту еден момент и на никој начин нема да бидат соучесници во вашето грубо прекршување на Статутот, Деловникот на Советот на Град Скопје и конкретното незаконско постапување“,
се вели во дописот до Славески.
Дека заклучокот не е валиден и незаконски, бидејќи е донесен без во салата да има кворум, реагираа и советниците од СДСМ, кои пред гласањето ја напуштија салата, а претходно тоа го направија и советниците од Левица.
„Вака донесениот заклучок не може да се имплементира, затоа што е противзаконски. Не можат службите да сносат одговорност кога службите не можат да направат одлука којашто е противзаконска. Значи прво нема да ја направат. Не заради мене, не заради вас, не заради градоначалник, не заради ВМРО-ДПМНЕ, туку затоа што нема законска основа. Тоа се обидувавме да го кажеме и да го објасниме. Не знам колку не разбраа или имаа поинаква задача. Во случајов очигледно имаа поинаква задача“,
рече координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева во изјава за медиумите по седницата.