Уапсени двајца разбојници по филмски грабеж во продавница во Градскиот парк во Скопје

Како што објави ТВ 21, разбојниците на вработените во продавницата наводно им се заканиле со зборовите: „Вадете ги парите од касата, ако некој викне полиција сите ќе ве убиеме“

Две лица вечерва извршиле разбојништво во продавница лоцирана во рамките на објектот на  националната арена „Тодор Проески“ во Градскиот парк во Скопје, но за кратко време биле фатени и уапсени од екипа на интервентната полциија.  

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Настанот го потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде информираат дека веднаш по добиената пријава и преземените активности разбојниците се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.  

„Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вечерва лишија од слобода две лица кои малку пред тоа извршиле разбојништво во продажен објект во градскиот парк во Скопје. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности и сторителите се лишени од слобода и во содејство со Основно јавно обвинителство ќе биде поднесена соодветна пријава“,

велат од МВР.  

Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека разбојниците биле маскирани и вооружени со пиштоли. Заканувајќи се, на вработените во продавницата им наредиле да ги испразнат касите со дневниот промет.  

Како што објави ТВ 21, тие на на вработените наводно им се заканиле со зборовите: „Вадете ги парите од касата, ако некој викне полиција сите ќе ве убиеме“.  

- Реклама -