Мицкоски: Ги предупредувам и јунаците кои зборуваат низ град и по ноќни клубови дека биле блиски со мене и дека ќе бидат амнестирани – нема да има пардон

Живевме во држава во која владеел „триаголник“ помеѓу политички криминалци, наркокартели и обвинители, рече премиерот Христијан Мицоски, во одговор на пратеничко прашање на денешната седница на Собранието. Премиерот посочи дека граѓаните не се чувствувале безбедни поради отсуство од спроведувањето на правдата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски од говорницата постави прашање со појавата и владеењето на „наркокартели“ во главниот град и земјава и околу конечната пресметка со нив. Мицкоски во одговорот посочи дека бил загрижен од поврзаноста на поранешни функционери и криминалци и се избегнувало спроведување на правдата.

– Повеќе ме загрижува што голем дел од овие послушници со здравствени проблеми, биле послушници и на овие наркокартели и биле на платен список кај овие наркокартели. На тој начин ја заобиколувале правдата. Значи овде имаме триаголник: политички криминалци, наркокартели и судии и обвинители. Малкумина, но сега со сериозни здравствени проблеми. Во таква земја сме живееле, рече премиерот Мицкоски.

Тој напомена дека во тој период, државата била за потсмев и оти тогашните функционери наместо да прават држава тие работеле на зголемување на капиталот врз грбот на граѓаните, без етнички предзнак. Тоа, според него, придонело и за иселувањето на младите од земјава и празни села.

– Луѓето се чувствувале обесправени, немало кој да гарантира правда во оваа држава. Оваа влада нема брилијантни резултати, но такво дивеење нема. Може некој и да се обиде, но нема да помине неказнето.

Прочитајте и:  Филков: Комората за вештаци регистрирана во Централниот регистар, почеток на нова реформа во правосудството

Мицкоски напомена дека во минатото имало банди кои царувале во главниот град и покажувале мускули затоа што имале политичка заднина.

– Ги предупредувам и оние структури кои сега зборуваат низ градот и по ноќни клубови дека биле блиски со мене и дека ќе бидат амнестирани. И сега има јуници кои лажно се претставуваат. Нема да има пардон. А не „како до сега“, тоа заврши на 23 јуни пред полноќ. Мора да се сврти нов лист. Граѓаните очекуваат правда и казна за оние кои во минатото ги ограбија, засрамија понижија и клекнаа на колена. За жал, тие сè уште во спрега со овие со анксиозност, рече Мицкоски

Тој напомена дека сегашната власт не влегува во коалиција со наркокартели и бандити, ниту вклучува машини на полноќ за тајно издавање на пасоши. За појавата на криминал во претходниот период, вината ја префрли на претходната владејачка коалиција и начинот на кој ја спроведувале власта.

Точно знаеме со какви алатки и методи се служеле и какви непринципиелни договори правеле меѓу себе. Тоа ја одржувало коалицијата на двете владејачки партии и пошироко со овие картели. Лошото е што уништија многу млади животи заради нивната алчност и нивното здружување и почнаа да употребуваат супстанции кои се недозволени, а дел ги загубија и нивните животи, рече Мицкоски и најави доследно спроведување на правдата. 

- Реклама -