ЕУ донираше шест еколошки автобуси за ЈСП Скопје, за Арсовска тоа е доказ дека градската администрација е способна кога не е блокирана

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) денеска преку проектот „ЕУ за чист воздух“ доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската унија.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, во своето излагање посочи дека со проектот вреден 10 милиони евра, Европската унија придонесува за намалување на загаденоста на воздухот, бидејќи како што рече, тоа претставува сериозен еколошки проблем којшто со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните.

– Активноста која што денеска ја реализираме е дел од проект којшто е вреден 10 милиони евра и исто така ќе помогне за намалување на загаденоста на воздухот тука. Тоа е навистина сериозен еколошки проблем со којшто се соочуваме веднаш со самиот почеток на грејната сезона, а овој проблем веќе со години го зема данокот врз здравјето на самите граѓани. Овој проект којшто го реализираме ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово коишто се едни од најпогодените градови од аерозагаденоста. Транспортот е одговорен за големото количество емисии на јаглерод диоксид којшто го испуштаме во самата атмосфера. Самото решавање на оваа дихотомија служи да се охрабрат што повеќе граѓани да можат на редовен начин да го употребуваат јавниот превоз наместо поединечни возила, а за да се направи тоа мора да го направиме јавниот транспорт колку што е можно помалку да загадува, посочи Рокас.

Целта е, како што посочи, Скопје заедно со другите градови да се претвори во живописно место за живеење, нагласувајќи дека граѓаните ќе почнат повеќе да го користат јавниот превоз кога системот ќе биде подобро опремен.

– Не треба да очекуваме уште утре сите да се качат на автобус, меѓутоа мислам дека кога е вистинско време, кога системот ќе биде подобро опремен, ова ќе се случи, рече Рокас.

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна дека донацијата на шесте еколошки автобуси е само дел од предвидените активности со проектот посочувајќи ја и набавката на дополнителни 100 до 120 електрични автобуси за потребите на општините и градот Скопје.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

– Со збогатување на возниот парк на ЈСП ги подобруваме условите за користење на јавниот превоз од страна на граѓаните… Во оваа прилика сакам да најавам дека иако МЖСПП и Владата работат во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, оваа година проектиравме и низа дополнителни конкретни активности и ги насочивме сите расположливи ресурси во преземање на конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалување на загаденоста, рече Меџити.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја оцени донацијата како успех на Град Скопје и своевиден доказ дека кога не е блокирана градската администрација е способна да спроведе ваков тип на проект којшто е бенефит за градот. Арсовска изрази надеж дека ваквата активност ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат за набавка на уште 250 еколошки автобуси.

– Навистина претставува голема чест и задоволство што денеска имаме шанса да презентираме нешто што е голем успех за Град Скопје, а тоа е едновремено и доказ дека нашата градска администрација кога не е блокирана од никого навистина е способна да спроведе нешто кое што е бенефит за Град Скопје и за целата држава. Она кое што денеска го гледате е донацијата која што ја добиваме со силната и безрезервна поддршка од страна на ЕУ и шест еко-автобуси се оние коишто ќе бидат во можност нашите граѓани да ги гледаат низ градот Скопје и да се возат со нив, со надеж дека ќе ги поттикнеме сите останати чинители коишто треба да гласаат во Советот на Град Скопје за уште 250 вакви автобуси, посочи Арсовска.

Градот Скопје, додаде, од Европската унија исто така добива и три илјади садници, од кои 1.000 ќе бидат засадени во мега паркот во општина Карпош, додека останатите 2.000 ќе бидат засадени во март идната година. Првите илјада садници ќе бидат засадени во мега паркот во општина Карпош којшто се наоѓа во својата трета фаза на изградба.

- Реклама -