Русија во најголемиот напад со дронови погодила клучна украинска инфраструктура

Руските сили го извршија најголемиот напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што беше исклучена електричната енергија во голем дел од западниот регион Тернопил, а беа  оштетени и станбени згради во областа околу главниот град, соопштија денеска украинските власти.

Засилените напади со дронови во текот на ноќта врз украинските градови се одвиваат паралелно со поголемо руско продирање долж линијата на фронтот на истокот на Украина, каде што руските сили постигнаа некои од нивните најголеми придобивки за еден месец од 2022 година.

Од 188 беспилотни летала користени во текот на ноќта, Украина собори 76, а изгуби контакт со 96, најверојатно поради активни мерки за електронско војување, соопшти воздухопловството. Пет беспилотни летала се движеле во правец на Белорусија.

„Непријателот лансираше рекорден број напаѓачки беспилотни летала Шахед и неидентификувани дронови“, соопштија од воздухопловните сили, додавајќи дека Русија употребила и четири балистички ракети Искандер-М.

Русија користи евтини „самоубиствени“ дронови, како и „мамки“, кои го одвлекуваат вниманието на украинската воздушна одбрана.

„За жал, критичните инфраструктурни објекти беа погодени, а приватни и станбени згради беа оштетени во неколку провинции поради масовниот напад со беспилотни летала“, се вели во соопштението на воздухопловните сили, додавајќи дека нема пријавено жртви.

Прочитајте и:  Сибиха: Русија може да се натера на мир само со сила

Нападот ја оштети електричната мрежа во Тернопил, голем град во западна Украина, и ја прекина струјата на 70 отсто од регионот, изјави гувернерот Вјачеслав Нехода за националната телевизија.

Тернопил, околу 220 километри источно од Полска, членка на НАТО, и околината имаа население од повеќе од еден милион пред руската инвазија во февруари 2022 година, што поттикна многу Украинци да се преселат на запад.

„Последиците се лоши бидејќи централата беше тешко погодена, а тоа ќе има долгорочен ефект врз снабдувањето со електрична енергија во целата покраина“, рече Нехода.

Нападот, исто така, го прекина снабдувањето со вода и греењето, напиша началникот на регионалната одбрана Серхиј Надал на платформата Телеграм.

Украинскиот национален мрежен оператор „Укренерго“ соопшти дека во тек се вонредни ограничувања на електричната енергија и дека техничарите работат на обновување на снабдувањето.

Електричните автобуси во главниот град Киев ќе бидат заменети со редовни, а во случај на прекин на струја, во училиштата, болниците и владините институции ќе се користат генератори, додаде Надал.

Според воздухопловните сили, во поголемиот дел од Украина, воздушните тревоги траеле неколку часа во текот на ноќта.

- Реклама -