„Има решение низ интерпретација на европската преговарачка рамка, се разбира ако има добра волја. Тоа секаде го кажувам, за решение треба двајца и мислам дека е можен исчекор“, вели претседателката Сиљановска-Давкова
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека е можен напредок во односите со Бугарија. Претседателката денеска на брифинг за медиумите излезе со свои видувања по неодамнешната средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Баку на маргините на Конференцијата за климатски промени.
„Еден час зборувавме, се отвори и прашањето за уставните измени. Му реков што подразбирам под pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат), но и дека во Договорот за добрососедство никаде не се споменуваат уставни измени. Тој слушаше, на средбата не коментираше. Изјавата што Радев потоа ја даде пред бугарските медиуми беше повеќе за домашна употреба и таа не е на иста линија на она што се случуваше на состанокот“,
вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, претстојниот декември е важен месец, зашто, како што рече, значајни европски актери му пренеле на државно-владиниот врв дека Северна Македонија направила многу досега, можеби и премногу, и дека сега е ред на Европската Унија да испорача.
На прашањето дали има поддршка кај членките на ЕУ за иницијативата за уставни измени со одложено дејство, Сиљановска-Давкова одговори:
„Поддршка имаме од Вишеградската група и од белгискиот премиер“.
Во која насока претседателката го гледа можното решение на ситуацијата?
„Има решение низ интерпретација на европската Преговарачка рамка, се разбира, ако има добра волја. Тоа секаде го кажувам, за решение треба двајца и мислам дека е можен исчекор“,
вели шефицата на државата.
На прашањата што ги добивала – дали ќе го смени Уставот, Силановска-Давкова одговара дека само апсолутен монарх може сам да смени устав.
„Ако некој мисли да ја повтори ситуацијата со Преспанскиот договор и на тој начин преку притисоци да носи уставни измени, тоа ќе биде суспендирање на парламентарната демократија“,
порача претседателката.
Таа вели дека во тек се подготовки за можна посета на Радев на земјава кој кажал дека може да дојде кога било, но и дека е подобро да се почека да помине декември, без да прецизира што се очекува до крајот на годината.
„Радев во овој момент е најстабилниот елемент од власта во Бугарија“,
вели Сиљановска-Давкова.
Таа потврди дека добила покана од францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на отворањето на реконструираната катедрала Нотр Дам на 8 декември, но дека сè уште не решила дали ќе отпатува за Париз.