Сведочење на вработен во „Safe city“: Во возилото „Рено кангу“ на 27 ноември на камера се појавуваат две силуети

На денешното судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше Мирче Мирчевски, вработен во Министерството за внатрешни работи во одделот „Безбеден град“ („Safe city“). Тој изјави дека на 27 ноември, денот на исчезнувањето на Вања, вршеле пребарување на подрачје на град Скопје.

– Вршевме пребарување на подрачје на Град Скопје, потоа пребарувавме по дојави, сѐ додека понатамошната истрага не го поврза возилото Цитроен што беше запалено во Бразда, исчезнатото лице од Велес, со девојчето, рече Мирчевски.

Мирчевски објасни дека го следеле движењето на Цитроенот на 24 ноември, од Маџари Триангла до местото каде што живеело девојчето.

– Од Маџари Триангла оди на посоченото место каде што живееше девојчето и потоа си оди, и истиот по пребарување на 27 ноември, го наоѓаме како доаѓа од Бутел и од таму оди на местото на грабнување на девојчето, потоа го наоѓаме на Партизанска, врти накај „Рузвелтова“, потоа „Орце Николов“, и од сервисната улица излегува кај Машински факултет и врти кај МИДА, после Александар Палас ни се губи, појасни тој.

Сведокот истакна дека целата истрага ја водел началникот Дејан Димовски со неговите колеги, додека, како што рече, „ние дававме сугестии и ги проверувавме информациите од терен“. Тој посочи дека во возилото „Рено кангу“ на 27 ноември во 9:40 часот на камера се појавуваат две силуети.

– Се гледа дека возачот е со брадичка, личи на првообвинетиот, додека, на другите камери не може да се забележи силуети на лице, рече сведокот. На вкрстени прашања од одбраната на обвинетите, тој одговори дека не е надлежен да одговори дали треба во возилата да има ДНК на лицата кои ги возеле. Прашан дали учествувал на составување на фото-албумот во врска со сомнителните ПМВ, одговори дека помагаат во сето она што придонесува за расчистување на кривични дела. Прашан дали неговиот денешен исказ соодветствува со исказот даден во Обвинителството, особено во делот со забележаните силуети, одговори дека не е сигурен.

На дополнителни прашања од обвинителството, сведокот одговори дека возилото Цитроен на 27 ноември е следено по барање на началникот на СВР Велес.

– На 27 ноември го следиме возилото Цитроен по барање на началник на СВР Велес бидејќи е на исчезнато лице сопственик на тоа возило. На 27 возилото е најдено запалено и по барање на началникот се доставени снимки на СВР Велес.

Прашан дали е тоа причината што возилото го следеле и пред 27 ноември, одговори да. Одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо по завршувањето на сослушувањето на даде приговор за, според нив, невистинитост на исказот на сведокот Мирчевски. На следното рочиште е предвидено да сведочи сведокот Гоце Трајковски и уште двајца сведоци.

Прочитајте и:  Обвинителството тврди дека има материјални докази кои го поврзуваат Палевски со убиствата на Ѓорчевска и Жежовски

Претходно на денешното судење за двојното убиство сведочеа службени лица кои биле назначени да го спроведат обвинетиот Велибор Манев до местото каде што било закопано телото на Жежовски. Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“.

Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.

Воедно, обвинетиот Влатко Кешишов денеска изјави дека изјавата во која тој наведува дека Палчо нема врска со убиството не е негова, односно дека бил принуден од Палчо да ја напише.

Пред денешното рочиште, обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска  изјавија дека има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо со двете убиства.

– Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, изјавија тие.

Во однос на тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишов, кој го смени првичниот исказ и тврди дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата, обвинителките рекоа дека оваа изјава на Кешишов нема доказна вредност.

На изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“. Беше сослушано семејството на таткото на Вања, како и повеќе познаници на обвинетиот Палчо. На првото одржано рочиште, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. Судењето продолжува на 16 декември.

- Реклама -