Обид за убиство во Гостивар: Отишол да го поправи автомобилот, добил куршум

Како што информира ОЈО, осомничениот вчера со пиштол, кој го поседувал без дозвола, се обидел да лиши од живот лице кое дошло во неговата продавница за автомобилски делови за да го поправи возилото

Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничен за кривично дело убиство во обид, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.

Како што информира ОЈО, осомничениот вчера со пиштол, кој го поседувал без дозвола, се обидел да лиши од живот лице кое дошло во неговата продавница за автомобилски делови за да го поправи возилото.

„Околу поправката настанала вербална расправија меѓу нив, по што оштетениот го турнал осомничениот кон возилото со цел да го натера да му го поправи. Но, осомничениот влегол во куќата и револтиран го зел пиштолот ‘црвена застава’ со калибар 7,65 мм, што го поседувал неовластено, и испукал проектил кон оштетениот. Не го погодил, а куршумот завршил во вратата на возилото“,

информираат од Обвинителството.

Јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар поднесел предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

- Реклама -