Невремето во Дебарско ги остави жителите без струја повеќе од еден час, последици од силен ветер и дожд се санираат и во Штип и Битола

Во невремето во Штип е урната и дел од кровна конструкција на станбена зграда, како и дел од кровната конструкција на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, која завршила на друг објект веднаш до училиштето

Невреме со обилен дожд, ветер и силни електрични празнења вечерва го зафати Дебарско, оставајќи ги повеќе од еден час без струја жителите од општините Дебар, Центар Жупа и дел од општина Маврово и Ростуше.

„Причина за прекинот беше испадот на 35-киловолтна доводна склопка на регулационен трансформатор во Хидроелектраната ‘Шпилје’. Екипите на ХЕС ‘Црн Дрим’ успешно го решија проблемот за кратко време и покрај лошите временски услови во поширокиот Дебарски Регион“,

велат од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за МИА.

Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Дебар изјавија дека досега нема пријавени штети, но препорачуваат голема внимателност во сообраќајот во регионот поради честите одрони од камен и земја.

„Екипи на дебарската секција на јавното претпријатие за одржување на регонални и магистрални патишта се постојано на терен во расчистување на истите“,

изјави раководителот на РЦУК Дебар, Фемија Ајроски.

Освен во Дебарско, невреме со силен дожд и ветер попладнево ги зафати и подрачјата на Битола и Штип.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информира дека дел од населбите во општината немаат улично осветлување поради искинати кабли, а искинати кабли има и на кабелските и интернет-операторите. Од утринава екипи на штипската противпожарна бригада ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки во неколку населби.

Во невремето е урната и дел од кровна конструкција на станбена зграда, како и дел од кровната конструкција на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, која завршила на друг објект веднаш до училиштето.

„Учениците се безбедни, нема повредени ниту вработени, нема ниту оштетени автомобили“,

изјави директорката на Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“.

Екипи од ТППЕ Штип и од Јавното претпријатие „Исар“ посочија дека дел од покривот на училиштето што паднал на друг објект ќе биде отстранет за да не биде предизвикана дополнителна штета.

Силниот ветер попладнево предизвика штети и во Битола, кои во моментов ги санираат екипи на јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Водовод“ и пожарникари од ТППЕ Битола.

„Екипите дејствуваат координирано и ќе останат на терен сѐ до расчистување на сите локации“,

соопштија од Општина Битола

- Реклама -