ОН: Израелските доселеници протерале над 1.720 Палестинци од Западниот брег

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања соопшти дека израелските доселеници со насилство, заплашување и малтретирање за нешто повеќе од една година протерале повеќе од 1.720 Палестинци во бедуински и други овчарски заедници од нивните домови на окупираниот Западен Брег, пренесе денеска Ал Џезира.

Според Канцеларијата на ОН, меѓу 1.722 раселени Палестинци до 7 октомври 2023 година, имало 835 деца.

Во својот последен извештај за окупираниот Западен Брег, Канцеларијата на ОН, исто така, наведува дека меѓу 12 и 18 ноември, вкупно 25 Палестинци, вклучително и деца, биле раселени како резултат на насилството на израелските доселеници насочено против нив.

Во извештајот што го пренесува Ал Џезира, исто така, се наведува дека во еден напад од вооружени доселеници на 15 ноември, напаѓачите им се заканувале на палестинските семејства со оружје дека ќе мора да ги напуштат своите домови и ги предупредиле дека ќе бидат запалени доколку останат.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

„За време на нападот, доселениците скршиле прозорци и физички нападнале татко и неговиот син. Таткото подоцна пријавил дека неговото семејство било трауматизирано и морало да замине без да ги собере своите работи“, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

- Реклама -