На денешен датум се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес на кој албански научници во 1908 година се состанале за да ја создадат албанската азбука.
Делегатите од Албанија и албанските здруженија и клубови од цел свет на конгресот во Битола донеле одлука за прифаќање на латиницата со некои промени, адаптирајќи 36 букви на албанскиот јазик.
Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место.
За претседател на Конгресот бил избран Мидхад Фрашери, а потпреседатели биле Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра, Парашќеви Киријази, била единствената жена на конгресот. Киријази го објавиле и првиот буквар со унифицирана азбука за потребите на училиштата. Азбуката прифатена на Битолскиот конгрес денеска се користи секаде каде што живее албанско население.
22 ноември е неработен ден за албанската етничка заедница во земјава.