Русија истрела кон Украина балистичка ракета со среден дострел, Зеленски вели дека Путин нема интерес за мир

Претседателот Володимир Зеленски вели дека Путин „плука во лице на оние во светот што искрено сакаат да се врати мирот“ и дека на овој начин го „тестира“ светот

ФОТО: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Експерименталната руска балистичка ракета што утринава била истрелана кон украинскиот град Днипро имала повеќе боеви глави, што можеби е првпат вакво оружје да се користи во војна, пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на двајца американски официјални лица и еден западен функционер.

Според медиумот, оружјето е познато како „повеќе независно таргетирано возило за повторно влегување (Mirv)“ кое носи серија боеви глави кои секоја може да таргетира одредена локација, дозволувајќи една балистичка ракета да изврши поголем напад.

„Ракетниот напад во четвртокот не беше вооружен со нуклеарни боеви глави, но користеше оружје дизајнирано за нуклеарна испорака за да лансира конвенционално оружје“,

пишува Си-ен-ен.

Том Карако, директорот на Проектот за ракетна одбрана во Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), изјави за медиумот дека веројатно е првпат Mirv да се користи во борба.

„Употребата на овој тип проектили вооружени со конвенционални боеви глави е ескалација на конфликтот“,

рече Карако.

Во денешното обраќање Путин рече дека распоредувањето на новата балистичка ракета наречена „Орешник“ е „одговор на американските планови за производство и распоредување ракети со среден и краток дострел“.

Тој рече дека Русија ќе „одговори решително и симетрично“ во случај на ескалација.

Неколку часа по телевизиското гостување на рускиот претседател Владимир Путин кога го објави лансирањето на ракетата, што, според него, е одговор на Украина што користи ракети со поголем дострел од Западот во Русија, се огласи украинскиот претседател.

Претседателот Володимир Зеленски вели дека Путин „плука во лице на оние во светот што искрено сакаат да се врати мирот“ и дека на овој начин го „тестира“ светот.

Според Зеленски, употребата на експериментална балистичка ракета врз Украина е „уште повеќе доказ дека Русија нема интерес за мир“.

Украинскиот претседател вели дека неговата земја има право да истрела оружје со долг дострел во Русија според меѓународното право во интерес на самоодбрана.

Зеленски вели дека Путин „мора да ја почувствува цената на неговите пореметени амбиции“, додавајќи:

„Потребен е одговор. Потребен е притисок. Русија мора да биде принудена на вистински мир, кој може да се постигне само со сила. Во спротивно, ќе има бескрајни руски напади, закани и дестабилизација – не само против Украина“.

Бриџит Бринк, американската амбасадорка во Украина, изјави дека рускиот напад на Днипро покажува дека Киев има потреба од континуирана поддршка до крајот на војната.

„Нападот на Русија на Днипро е знак дека мораме да ја поддржиме Украина додека не победи во оваа војна против руската агресија, која е закана за Украина, Европа и светот“,

вели таа.

Руската употреба на нова балистичка ракета со среден дострел за да ја нападне Украина е „уште еден загрижувачки развој“, рече портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Сето ова оди во погрешна насока. Она што сакаме да го видиме е крај на овој конфликт во согласност со резолуциите на Генералното собрание, меѓународното право и територијалниот интегритет“,

рече Стефан Дужарик, повикувајќи ги сите страни да го деескалираат конфликтот и „да ги заштитат цивилите, а не да погодуваат цивилни цели или критична цивилна инфраструктура“.

- Реклама -