Уставен одлучи да поведе постапка за Законот за данок на солидарност

Судот, како што наведуваат оттаму, во оваа фаза оценува дека со донесувањето таков вид данок компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото

Судијката Добрила Кацарска најавила издвоено мислење на решението за поведување постапка за Законот

Уставниот суд на денешната седница донел одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за данок на солидарност, што лани го донесе претходната влада. 

Од седницата на Уставниот суд на Република Северна Македонија / Фото: Уставен суд на РСМ

Според дискусијата и аргументите во оваа насока, судиите изразиле сомнеж дека со донесувањето на Законот е нарушена правната сигурност на компаниите кои оствариле профит над 615 милиони денари во 2022 година, бидејќи им се наложува задолжителен вонреден данок на веќе одданочениот профит од претходната година. 

„Во расправата уставните судии изразија сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот. Судот го имаше предвид фактот дека ретроактивноста и нејзиниот исклучок е дозволен само кога станува збор за тековни постапки, но во случајот засегнатите субјекти ги завршиле односите со плаќањето на данок во 2022 година“,

велат од Уставен.  

Судот, како што наведуваат оттаму, во оваа фаза од постапката оценил дека со донесувањето таков вид данок компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.  

„Иако законодавецот во јавноста презентирал дека спорниот Закон се носи за да се усогласи со Регулатива 2022 на ЕУ, Уставниот суд изразува сомнеж дали станува збор за усогласување, бидејќи ЕУ-регулативата се однесува на вонредно оданочување на компании од енергетскиот сектор, кои оствариле значително зголемен приход како резултат на кризата, што не може да се спореди со субјектите кои се опфатени во Законот за данок на солидарност во Република Северна Македонија, бидејќи во законското уредување е предвиден критериум, а тоа е  615 000 000 денари, без оглед на тоа со каква дејност тој профит бил остварен“,

се вели во соопштението од Уставен.  

На решението за поведување постапка за Законот, судијката Добрила Кацарска најавила издвоено мислење.  

На брифинг со новинарите, по седницата, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека сега следува втората фаза на постапката и дека на следната седница треба да го утврдат нацртот на решението донесено денеска, по што ќе се обратат до доносителите на Законот, односно до Собранието, за да даде свое мислење.  

„Што се однесува до одлуката, се знае кои се можностите и тие се утврдени со нашиот Акт (новиот деловник за работа на Уставен). Судот може да укине, да поништи акт или во специфични ситуации да ја запре постапката. Не би сакал и не можам да прејудицирам ништо, сепак станува збор за одлука која ќе ја носат сите судии“,

рече тој.  

На прашањето која опција е поверојатна, дали укинување или поништување и кои ќе бидат ефектите, Костадиновски кажа дека кога станува збор за укинување, значи дека во иднина не може да се примени, ниту да се донесе идентичен закон, додека поништувањето подразбира да се поништат последиците кои настанале од укинатиот закон, односно поништувачката одлука значи како таков закон да не ни постоел. 

Претседателот на Уставниот суд на РСМ, Дарко Костадиновски / Фото: „360 степени“ (Архива)

На прашањето кога би можело да се очекува одлука, тој, објаснувајќи ги процедурите во постапката, кажа дека тоа би можело да биде на почетокот на следната година. 

Законот за данок на солидарност претходната Влада на СДСМ и ДУИ го усвои на кон средината на јули лани, а Собранието го донесе на 19 септември истата година по скратена постапка, со европско знаменце. Неговото донесување наиде на жестоки реакциите од бизнис-секторот, а меѓу подносителите на иницијативи со кои тој се оспорува е и Стопанската комора на Северна Македонија. Оттаму тогаш излегоа со став дека Законот е погубен и деструктивен за целиот бизнис и стопанството во државата. Реагираа и на тоа што при неговото носење не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат данокот. 

Министерство за финансии, кое беше предлагач на Законот и со кое тогаш раководеше Фатмир Бесими, во своја одбрана посочуваше дека станува збор за еднократно, вонредно и привремено решение кое се носи во услови на криза и кое ќе донесе само позитивни ефекти. 

Данокот за солидарност се однесуваше на сите компании кои во 2022 година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот беше оданочена со 30 отсто.  

- Реклама -