Анкета на Галуп: Над половина од Украинците сакаат крај на војната со преговори што поскоро, опаѓа оптимизмот за членство во ЕУ и НАТО

Повеќе од половина од Украинците кои учествуваа во анкетата на агенцијата „Галуп“ велат дека сакаат поскоро крај на војната преку преговори, јави ДПА.

„Последните анкети на Галуп за Украина, спроведени во август и октомври 2024 година, покажаа дека во просек 52 отсто од Украинците би сакале нивната земја да преговара за крај на војната што е можно поскоро“, објави Галуп.

„Речиси четири од секои десет Украинци (38%) веруваат дека нивната земја треба да продолжи да се бори до победа“.

За споредба, во 2022 година процентот на испитаници кои сакаа нивната земја да продолжи со борбите изнесуваше 73%, додека само 22% се залагаа за преговори. Во 2023 година, 63% беа за продолжување на војната, а 27% за брзо завршување.

Според анкетата довербата на Украинците во Западот генерално опадна.
Околу 40% од испитаниците се уште ја одобруваат водечката улога на САД, додека 37% изразуваат скептицизам.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Набргу по почетокот на војната, одобрението за Вашингтон изнесуваше 66 отсто, а скептиците 16 отсто.

Мнозинството од населението се уште има позитивно мислење за улогата на Германците, а 50% ги поддржуваат акциите на Берлин. Во 2022 и 2023 година ова учество изнесуваше 46% и 53%, соодветно.

Анкетираните кои не ја одобруваат позицијата на Германија се 29%, додека во 2022 и 2023 година биле 35% и 20%.

Повеќето испитаници се уште се надеваат дека Украина ќе влезе во ЕУ и НАТО, но анкетата покажува пад на оптимизмот. Уделот на Украинците кои очекуваат нивната земја да стане полноправна членка на ЕУ во следните 10 години е намален од 73% на 61%. Оние кои се надеваа на членство во НАТО паднаа од 64% на 51%.

- Реклама -