По мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз, а во адаптација и режија на Синиша Евтимов, вечерва ќе се оддржи премиерата на преставата „12“.
На големата сцена на МНТ во улога на поротници ќе се појават Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановскии и Сашко Коцев. Гласот на Судијата го позајмува Тања Ивановска.
Приказната во претставата ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет за убиство на неговиот татко, принудувајќи ги поротниците да ги преиспитаат сопствените морални вредности, ставови, предрасуди и мислења. Одбраната и обвинителството ги дале доказите на судењето, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството. И она што на почетокот изгледа како лесна одлука, веднаш да се гласа и да се прогласи за виновен младиот човек, сепак прераснува во сериозна дискусија околу вистината за она што навистина се случило за време на убиството. На почетокот единствениот што се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8…
Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“.
Претставата е дел од годишната програма на МНТ за 2024 година и е наменета за возрасната категорија над 16 години.
„12“ е посветена на нашиот прерано починат соработник и, пред сѐ, голем пријател, Мирко Попов – велат од МНТ.
Почетокот на вечерашната премиера е предвиден за 20:00 часот.