Палевски дојде кај мене да го поправи котелот за греење ден по убиството на Вања – сведочи негов пријател

Пријателот на Палчо, Ерол Османи, рече оти последната комуникација со него ја имал на 28 ноември (еден ден по убиството на Вања), кога Палевски дошол кај него за да го поправи котелот

Со сведочење на Ерол Османи, сведок на обвинителство, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.

Османи рече дека со Палевски се познавале од времето кога тој издавал весник, а тој бил повикан да помогне во издавањето. Рече дека со Палчо останале пријатели и по затворањето на весникот, а дека во 2011-2012 година од него имал земено котел за греење и комуникацијата со него била секогаш кога доаѓала грејна сезона.

„Во 2023 година котелот не функционираше и го барав да дојде да го види за да можам да го користам”,

рече Ерол Османи во своето сведочење.

Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски / Фото: МИА (архива)

Последната комуникација рече дека ја имале на 28 ноември (ден по грабнувањето и убиството на Вања), кога Палевски дошол кај него за да го поправи котелот. Пред тоа, на 22 ноември, Османи му пишувал на „Месинџер“, но не добил одговор.

„На 27 ноември 2023 г. го барав на Фејсбук и го немаше. Околу 23 часот ми пиша дека ќе дојде другиот ден”,

додаде Османи.

Претходно, како што рече сведокот, Палевски не можел да дојде бидејќи бил настинат, а во пораката му напишал: „Одлежав 3-4 часа, како да ме згазна камион, ништо страшно не е, ќе дојдам сабајле”.

„На 28 ноември беше добар со здравјето. Водевме нормални разговори и ништо не спомена околу 27 ноември, немаше ништо посебно во однесувањето“,

рече тој.

Според неговото сведочење, Палевски дошол со бел автомобил, за кој рече дека е пикап, но не беше сигурен дали станува збор за марка „ситроен” или „пежо”.

Потоа прашања до Османи упати првообвинетиот Љупчо Палевски. Го праша во колку часот дошол кај него.

Османи, вадејќи принтскринови од „Месинџер“ од разговорите со Палевски, рече дека на 27 ноември во 11:42 часот добил порака дека ќе дојде и оти пристигнал 40-ина минути подоцна. На ова Палевски упати друго прашање – дали Османи знаел дека во тој период од денот имал гостување на поткаст. Османи рече дека во пораката пишувало: „Завршувам брзо, ја земам ќерка ми од кај ‘Алкалоид’, лаптопот е кај мене, доаѓам кај тебе”.

Сведокот додаде и дека пред 22 ноември Палевски му дал друг телефонски број на кој може да го бара. Рече дека Палевски не му кажал дека ќе оди на лекување, но потврди дека тој две години имал проблеми со ‘рбетот и оти лежел во „Систина”. На прашање на обвинителката дали некогаш го видел Палевски да носи пиштол, Османи одговори негативно, како и дека никогаш не комуницирале преку радиоврски.

На изминатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката и зетот на Панче Жежовски, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија Десна.

На последното рочиште беа сослушани мајката и таткото на Александар Ѓорчевски. На првото одржано рочиште во случајот за грабнувањето и убиството на Вања и Панче, обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно го испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

- Реклама -