На програмата на интернационалниот фестивал МОТ вечерва се две извонредни дела.
Од 20:00 часот претставата „Без крв“ ќе ја има македонската премиера. Претставата е копродукциска соработка која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес. Литературното дело на Алесандро Барико ја поттикна мешовитата авторска и актерска екипа безусловно да се вложат во создавањето на претставата.
„Самата претстава разработува теми на помирување без крв, кое може многу симболично да се сфати особено за македонско – бугарските односи во моментов. Претставата разбуди многу емоции кај бугарската публика и топло се надевам дека и кај нас ќе биде прифатена позитивно. Сметам дека вакви копродукциски треба да продолжат да се негуваат во име на моќта на уметноста и убавината, кои ќе го спасат светот“ – вели Олга Панго, кореографка на „Без крв“.
Претходно, од 18:00 часот, на сцената „Јадро“ ќе се одржи работилници и перформанс „Мoving inside out“.
Работилницата за студентите и професионалците во танцот и театарот ќе ја оддржат уметниците Криста Денио и Искра Шукарова кои работат на полето на танцот и перформансот. Употребувајќи танцови и театарски методологии, Денио и Шукарова ќе ги спојат практиките и техниките коишто се специфични за просторот, кои ги поддржуваат и учесниците во нивното истражување на техниките на раскажување на приказни и креативноста, создавањето и истражувањето и на архитектурата на галеријата Јадро, вклучувајќи го и паркот во близина, дрвјата и природата. Работилницата ќе вклучува и тренинг за движење и глас.