Посебен сообраќаен режим во Скопје поради ноќната атлетска трка

Од СВР Скопје апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката

Секторот за внатрешни работи Скопје соопшти дека денеска од 16 часот, поради одржување на меѓународната ноќна атлетска трка „13 Ноември“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен сообараќаен режим, поради што движењето на возилата ќе се пренасочува по околните сообраќајници.  

Порта „Македонија“ во центарот на Скопје е местото каде ќе бидат стартот и целта на атлетската трка / Фото: Архива

„Настанот ќе се одвива со следната траса на движење: од Порта ‘Македонија’, преку плоштад ‘Македонија’, по улицата ‘Никола Вапцаров’, десно по улицата ‘Димитрие Чуповски’, до крстосница со улица ‘Даме Груев’, полукружно назад по истата улица, во продолжение по улицата ‘11-ти Октомври’ до крстосница со булевар ‘Кочо Рацин’, полукружно назад по истата улица, десно по улицата ‘Филип Втори Македонски’, лево по пристапната улица на ГТЦ и десно до целта кај Порта “Македонија’“,

се наведува во соопштението од Министерството за внатрешни работи. 

Од СВР Скопје апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката. 

Инаку,ноќната атлетска трка е една од најстарите манифестации кај нас и една од најстарите на Балканот и се одржува традиционално секој ноември во чест на ослободувањето на Град Скопје. Првата трка била одржана во далечната 1953 и се трчало во поединечна и екипна конкуренција. Стартот и целта биле на срeдината на плоштадот, a должината била 5 километри. 

Настанот е во организација на Атлетската Федерација на Македонија, а е поддржан од Министерството за спорт, Општина Гази Баба и Министерството за внатрешни работи. 

Промотивниот плакат за атлетската трка

На програмата на овогодинешното издание се предвидени две трки  –  главната ќе биде на пет километри, а втората за деца до 12 години ќе биде на 400 метри.  

За двете трки, како што соопштија организаторите, пријавени се повеќе од 400 учесници. 

- Реклама -