„Тој се обидува да ги уценува Австрија и Европа со прекинување на испораките на гас. Ние сме подготвени за тоа и подготвени сме за зимата. Складиштата за гас низ Европската Унија се полни“, напиша претседателката на ЕК на Икс
Рускиот претседател Владимир Путин повторно ја користи енергијата како оружје, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата Икс, откако руската државна компанија „Гаспром“ денеска наутро ја прекина испораката на гас за Австрија.
Прекинот во снабдувањето доаѓа откако австриската енергетска компанија ОМВ соопшти дека нема повеќе да му плаќа на рускиот гасен гигант по арбитражната одлука на Меѓународната стопанска комора.
„Тој се обидува да ги уценува Австрија и Европа со прекинување на испораките на гас. Ние сме подготвени за тоа и подготвени сме за зимата. Складиштата за гас низ Европската Унија се полни. Како што му кажав на Карл Нехамер (австрискиот канцелар) вчера, Европа е обединета во поддршката на Австрија“,
напиша Фон дер Лајен.
Once again Putin is using energy as a weapon.
He is trying to blackmail Austria & Europe by cutting gas supplies.
We are prepared for this and ready for the winter. Gas storage across the EU is full.
As I told @karlnehammer yesterday Europe stands united in supporting Austria
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) November 16, 2024
Вчера австрискиот канцелар Нехамер на прес-конференција изјави дека неговата земја обезбедила алтернативни резерви на енергенси за оваа зима.
Енергетската компанија на земјата членка на ЕУ, ОМВ, објави дека ќе престане да ѝ плаќа за гас на австриската филијала на „Гаспром“ за да надомести 230 милиони евра од арбитражната пресуда на Меѓународната стопанска комора поради неисполнети обврски при испораките на гас од рускиот гигант до германската филијала на австриската компанија, пренесува Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Австрискиот енергетски регулатор Е-контрол (E-Control) и OMV соопштија дека испораката на гас прекинала денеска наутро по шест часот.
ОМВ во средата соопшти дека има доволно залихи за да им обезбеди гас на своите клиенти во случај на потенцијален прекин на снабдувањето од страна на „Гаспром“ и изјави дека складиштето во Австрија е полно повеќе од 90 отсто.
Русија ги прекина најголемиот дел од испораките на гас за Европа во 2022 година, а како причина Москва тогаш го наведе одбивањето на земјите од Унијата енергентот да го плаќаат во рубљи.
Ваквиот потег европските лидери го оценија како енергетска уцена од страна на Москва поради нивната поддршка за Украина по руската инвазија на земјата.
Поради недостатокот на гас, владите на европските земји тогаш беа принудени да бараат алтернативни решенија и вршеа набавки по повисоки цени на течен природен гас од САД и Катар, кој се испорачува со бродови.
Инаку, Австрија најмногу гас добиваше токму од Русија. Според министерката за енергетика на земјата, Леноре Гевеслер, во декември лани уделот на руски гас во Австрија бил дури 98 отсто.
Една од последните главни рути за испорака на гас од Русија во Европа, гасоводот Уренгој-Помари-Ужгород, кој е од советската ера и поминува низ Украина, треба да биде затворен на крајот на оваа година, бидејќи Киев одбива да го обнови петгодишниот договор за транзит на северносибирскиот гас до Словачка, Чешка и Австрија.