Според резултатите од истражувањата пред воведувањето на темите од областа на медиумската писменост во основните училишта, голем дел од учениците не разликуваат што е факт, а што мислење. На пример, само 47,9% од испитаниците одговориле дека исказот „Земјата е третата планета од Сонцето“, што сугерира дека останатите 52,1% сметаат дека е мислење
Медиумската писменост од неодамна се изучува со по 10 до 15 часа годишно, како дел од наставата по мајчин јазик, општество, граѓанско образование и информатика во основното образование. Во средно не се изучува, но министерката за образование, Весна Јаневска, вели дека ќе се воведе. Во дел од средните и основните училишта функционираат медиумски клубови, како изборна активност за учениците
„Ги изградив темелите на една решителна, современа поезија која се потпира народната Македонија со единствена цел – да ја внесам во катастарот на светот“.
Ова видео во кое поетот Ацо Шопов зборува за неговото творештво е направено со помош на вештачка интелигенција. Го изработиле ученици од основното училиште во скопската населба Радишани, кое го носи токму неговото име.
Станува збор за деветтоодделенци кои веќе втора година го посетуваат медиумскиот клуб во училиштето. Видеото го објавиле лани во рамки на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, а една од задачите на кои работеа на часот кога ги посетивме во медиумскиот клуб, беше подготовка на постери.
„За климатски промени и неколку кратки пораки. Имаме порака ‘мисли глобално, делувај локално’ и уште неколку кратки совети“,
рече ученик.
„Да ја зачуваме природата, еве на сликата имаме и пингвин и како се топи мразот, а тоа е неговото живеалиште и ние го уништуваме и треба да имаме грижа на совест. Да разбудиме грижа на совест за животните и средината околу нас“,
објаснија две ученички на презентацијата.
Учениците ја завршија задачата брзо и успешно. Постерите ги изработуваа со една од апликациите што често ги користат како алатка во медиумскиот клуб.
„Сме работеле неколку пати на ‘Канва’ и сме изработувале постери за разноразни работи. На пример, еве сега за глобално затоплување, сме изработувале за 14 февруари, за Валентајн, и неколку други работи. Тие се многу лесни за правење и интересни“,
вели деветтоодделенка.
Во медиумскиот клуб членуваат дваесетина ученици од осмо и деветто одделение. Со него раководи наставничката по македонски јазик Весна Додевска. Освен медиумските производи на кои работат во клубот, на часовите учат и за тоа што е вест, факт и мислење, дезинформации и безбедност на Интернет.
„На самите часови за медиумска писменост зборуваме за тоа да препознаат информација и дезинфомрација. Медиумската писменост е навистина многу потребна да се воведе во образованието затоа што го поттикнува критичкото мислење кај учениците. Да размислат кога ќе дојдат до информација или порака од медиум, дали е тоа информација или дезинформација – да ја анализираат, да ја оценат. Преплавени сме со пораки од медиуми и сепак треба да поттикнат критичко размислување кај нив. На тој начин, со медиумска писменост сите би биле подготвени за новите дигитални простори“,
потенцира Весна Додевска, наставничка по македонски јазик и раководителка со медиумскиот клуб во ООУ „Ацо Шопов“, О. Бутел.
Додевска вели дека учениците преку клубот веќе ги унапредиле знаeњата за медиумска писменост, а и тие самите потврдуваат дека се повнимателни, особено со користењето на социјалните мрежи и вештачката интелигенција. Освен информациите, често проверуваат и дали фотографиите на кои наидуваат се реални.
„Освен со ‘Гугл риверс имиџот’ што е многу корисен, во сликите со вештачка интелигенција има многу проблем кај што има луѓе со прстите и со рацете многу се грешни, не се секогаш како што треба. Кога има народ исто многу лесно се приметува бидејќи многу грешки има. Може главатаа, раце да има повеќе нозе, тоа може многу да помогне“,
објаснува деветтодделенец од ООУ „Ацо Шопов“.
„Најчесто ако фотографијата е лажна, секогаш барем некој ситен дел ќе биде неправилно направен. Или нешто ќе биде погрешено со осветлувањето на сликата или нешто ќе биде издеформирано“,
вели друга ученичка.
Прашањата за безбедност на Интернет кои им ги поставивме на деветоодделенците се дел и од истражувањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тоа истражување е направено на група ученици во прва и втора година средно, односно со генерации кои воопшто немале контакт со програми за медиумска писменост во образовниот процес.
Резултатите покажале дека учениците генерално знаеле дека социјалните мрежи можат да ја нарушат нивната приватност и повеќето од нив би направиле проверки пред да кликнат на некој сомнителен линк. Но, истовремено, околу 96% од учениците се изјасниле дека не се запознаени со алатки за проверка на веродостојноста на фотографии, независно дали посетуваат гимназија или стручно училиште.
Еден од резултатите кои загрижуваат е што голем дел од учениците не разликуваат факт од мислење. На пример, за само 48% е факт дека Земјата е третата планета од Сонцето. Притоа, воочлив е голем јаз меѓу учениците зависно од типот на образование што го посетуваат – меѓу гимназијалците точно одговориле 60%, а меѓу учениците во стручните училишта 43%.
Од друга страна, дури 35,6% погрешно го идентификувале исказот „кучето е најдобар пријател на човекот“ како факт, а не мислење. На ова прашање нема голема разлика меѓу учениците во гимназиското и средното стручно образование.
Во суштина, вели директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, недостасува критичко мислење.
„Бидејќи се изложени на огромен број информации во сферата на интернетот, сепак не се доволно отпорни на информациите. Односно на критичкото размислување и спознавањето на тоа што е вистинска информација, што е дезинформација, што е некакво мислење“,
посочува Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.
Според Трајчевски, заклучоците од истражувањето упатуваат на фактот дека темите поврзани со медиумската писменост се многу важни и дека треба да им се посвети повеќе внимание во средното образование.
„Загрижува фактот што речиси половина од учениците, 48% изјавиле дека кога се приклучуваат на некоја нова апликација ги читат условите за користење на таа апликација, притоа, бидејќи при регистрација се бараат и лични податоци, додека 37% од учениците немаат време за тоа, односно автоматски се согласуваат на правилата, но што е уште полошо околу 15% одговориле дека не губат воопшто време за читање на правилата бидејќи и така не можат да влијаат на промена на правилата“,
додава Трајчевски.
Податоците од истражувањето на АВМУ беа презентирани на конференција за Деновите на медиумска писменост во рамки на проектот што го води ИРЕКС – „Младите размислуваат“. Беше презентирано и истражување на Државниот испитен центар за нивото на медиумска писменост во основното образование, односно кај третоодделенците.
Истражувањата се направени пред воведувањето на темата во редовната настава. Медиумска писменост сега се изучува во основните училишта од прво до осмо одделение, со по 10 до 15 часа годишно, како дел од наставата по мајчин јазик, општество, граѓанско образование и информатика. Во средно не се изучува.
И учениците во основното образование, како и средношколците, имаат потешкотии да читаат со разбирање или да поврзуваат информации.
„Ниски резултати покажаа учениците и на прашања поврзани со факти и мислења, значи ги прашуваме што е факт, што е мислење, разлики, тоа посебно ниски резултати. Многу мал број на ученици можат да разликуваат исто така вистинита и лажна информација“,
кажа Бети Ламева од Државниот испитен центар.
„Идејата на оваа конференција е да разговараме во однос на тоа што сме пропуштиле? Што можеме да додадеме во следниот период и да видиме како најдобро, не само поради целта на медиумска писменост, туку да креираме млади кои размислуваат сами и кои ќе може да разликуваат што е вистинита од што не е вистинита информација. И ќе имаме млади способни самостојно да одредат што е вистина, а што не е и полесно да ги совладуваат наставните програми. Бидејќи ПИСА тестирањата ни покажуваат ни покажуваат пониско ниво на постигнувања во споредба со регионот“,
вели Дејан Докузовски од ИРЕКС, директор на проектот „Младите размислуваат“.
Освен во основното, Докузовски посочи дека медиумската писменост успеале да ја воведат и во високото образование. Некаде како посебен предмет на педагошките факултети, некаде како дел од наставната програма на постоечките студиски циклуси.
Сите се согласуваат дека медиумската писменост и формално треба што поскоро да стане дел од средното образование.
„Информациите кои стигнуваат до МОН од овој проект навистина се задоволителни, не само задоволителни, туку и значајни за општеството. Медиумската писменост со поддршка на МОН стана составен дел од наставните програми во основно образование и планираме да продолжиме и во средно образование. Искрено се надевам дека и понатаму овој проект ќе дава одлични резултати како и до сега“,
порача Весна Јаневска, министерка за образование.
Добри Јовевски е наставник во основното училиште „Илинден“ во Крива Паланка. Тој е одделенски наставник во четврто одделение. На еден од часовите по македонски јазик подготви вежба за дезинформации.
„Добиваме најразлични информации од социјалните мрежи. Сега следен чекор ќе биде, ќе добиете сите можност да извлечете по една информација од ова – нашиот социјален свет, со одредена апликација и да видиме на која апликација, каква информација ќе дознаете.
‘Лисјата на дрвјата стануваат зелени во есен и не паѓаат’. – Дали е точно?
– Неточно е!“
беше дел од активноста на часот.
Откако учениците ја совладаа вежбата за дезинформации, добија крстозбор и осумнасочник со поврзување поими од медиумска писменост. Со мала помош за десетина минути ја решија и таа задача.
„Денес на часот учевме за информација и дезинформација. Читавме кратки информации и кажувавме дали се точни или лажни“,
кажа четвртоодделенка.
„На мене ми беше интересно зошто проверуваваме со бои и со стикери дали информациите се точни или не. Научивме дека не треба да веруваме на сите информации“,
рече ученик.
„Денеска научив дека не сите информации што ги гледаме и слушаме се точни и дека треба да внимаваме кои информации ги читаме“,
рече ученичка.
Изборот на активностите Јовевски вели дека го прави со помош на прирачникот за медиумска писменост подготвен во рамки на проектот „Младите размислуваат“.
„Оваа возраст е добра да биде така малку тоа така поопуштено. Спонтано да се движиме низ часот за да почувствуваат дека тие даваат свој придонес за реализација на часот, бидејќи преку игровните активности тие малку повеќе се отвораат за делот на комуникација, искрено ги искажуваат своите размислувања и на тој начин ние можеме да ги насочиме на вистинскиот пат“,
вели Добри Јовевски, одделенски наставник во ООУ „Илинден“, О. Крива Паланка.
Јовевски смета дека учениците го имаат подобрено знаењето на темите од медиумска писменост, но според него потребен е континуитет, како и вклученост на родителите.
„Од најмала возраст се среќаваат со најразлични информации и информации коишто се склопени или направени да бидат дезинформации. И затоа целта на часот беше да развијат едно критичко мислење“,
објаснува Јовевски.
Добри Јовески е еден од околу 8 000 наставници кои се обучени да предаваат медиумска писменост. Но, резултатите од истражувањата покажуваат дека материјата не може да се совлада само на училиште.
Според истражувањето на Државниот испитен центар, ако се вкрсти бројот на книги што едно дете ги чита во годината со неговото постигнување на тестот за медиумска писменост, се доаѓа до заклучок дека децата што не прочитале ниту една книга имаат најслаби резултати по медиумска писменост. Децата кои прочитале десет или повеќе книги во годината, пак, се покажале најдобри.